Американската филмска академија денеска треба да ги соопшти номинациите со петте кандидати во трка за „Оскар“ за церемонијата на доделување на престижната награда која ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес. Нашиот наградуван филм „Медена земја“ е во потесен избор во две категотрии – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Членовите на Академијата до 7 јануари 2020 година гласаа за потесниот избор на филмови во девет категории откако скратените листи беа објавени на 16 декември.
Во категоријата најдобар документарец, филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е меѓу 15 селектирани од 159 квалификувани, а во категоријата за најдобар интернационален филм е во потесниот избор во кој влегоа десет наслови од 91 пријавен.
Конкуренција на нашиот филм во оваа селекција му се новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава“ и јужнокорејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо – минатогодишниот добитник на „Златна палма“, и уште седум филмови од Чешка, Естонија, Франција, Унгарија, Полска, Русија и Сенегал.
Доколку „Медена земја“ добие номинации за „Оскар“ во двете категории, ќе биде прв македонски филм со таков успех.
извор: МИА