Делегацијата на Европската Унија заедно со Европската куќа го одбележуваат 9 Мај Денот на Европа 2022 година преку низа активности организирани под слоганот #ThinkForward, пренесува МИА.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава, со оглед на тоа што 2022 година е Европска година на младите, програмата вклучува голем број активности кои се посветени ним и кои ги вклучуваат младите.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир и младите европски амбасадори Рената Пенчова и Александар Каратошо денеска ќе имаат интеракција со младите од WB6 од Европската куќа во Скопје. Промотивниот настан ќе се пренесува во живо на Фејсбук страната на Делгацијата на ЕУ, а понатаму ќе се емитува на националната телевизија МТВ денеска во 17:45 часот.
Работниот дел од конференцијата ќе се одржи на 9 и 10 мај во Младинскиот културен центар каде ќе се сретнат 30 млади луѓе од целиот регион на Западен Балкан за да разговараат за решенија за подобра свест за менталното здравје, зајакната регионална соработка и помирување како и за Европскиот зелен договор. Оваа конференција се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (РЦЦ) и скопскиот огранок на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).
Младите учесници на конференцијата потоа ќе ги презентираат заклучоците од својата работа пред премиерот и ресорните министри од Владата на Северна Македонија – како партнери и клучни актери за промени на подобро. Ова ќе се направи на седницата „Преземање од страна на Владата“ на 12 мај во 13:30 часот, која Владата ќе ја пренесува во живо.
Главниот јавен настан се одржа синоќа со концертот на меѓународно признатиот филмски композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев во Градскиот парк во Скопје. Ансамблот на Дуке Бојаџиев од двајца наратори и 25 члена оркестар ќе изведе спој на оркестарска и филмска музика, некои традиционални балкански композиции и вечната љубовна поезија на Руми на македонски и албански јазик.