АКТО, фестивалот за современи уметности ќе се одржи годинава од 23 до 25 август во Битола, по 13 пат, во организација на Факултетот за работи што не се учат, на тема „Општество во изградба“, а во соработка со повеќе организации меѓу кои и граѓанската платформа „Мрдни со прст“.
Годинава, АКТО ќе има 5 програми: АКТО Уметничка програма, АКТО Музика, АКТО Агора, АКТО за заедницата и АКТО Воз, некои од нив специјално создадени за фестивалот. Во рамки на фестивалот ќе земат учество многу соработници, кои имаат за цел да го градат неговото социјално, културно – уметничко и урбано заедништво, а како простори за своите активности, фестивалот ќе ги користи јавните ресурси кои ги нуди градот.
Темата „Општество во изградба“, како што велат организаторите, значи моментум на поинакви идеи, наспроти нео(и)либералната парадигма, имајќи го превид наследството на силната социјална компонента на уметноста. „Општество во изградба“ значи сите заедно, со сите гости и програми на АКТО, кои се курирани, да се врати полето на слободна мисла и прогресивност, на идеи во чекор со времето и на идеи кои му пркосат на секојдневието. Целта на организаторите е АКТО да биде простор каде ќе се создава заедно, каде сите ќе бидат вклучени и ќе се создава активна култура.
Фестивалот се реализира со директна поддршка на платформата „Мрдни со прст“. Дополнително АКТО е поддржан и од Министерство за култура, Фондацијата Фридрих Еберт – Македонија, Град Битола, Проектот на УСАИД за граѓанско учество (ЦЕП), додека партнери на фестивалот се: Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје, НУ Центар за култура – Битола, НУ Завод и Музеј Битола и НУ Народен театар Битола, Македонски Железници, Мезе бар Јагода, Кафе Радост, Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по Чекор“, ЛГБТИ Центарот за поддршка – Хелсиншки комитет за човекови права и Клуб Епицентар.
Б. Ј.