Досегашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, поточно, лидерите Никола Груевски и Али Ахмети имаат договор „процесот на решавање на наредната влада да остане во рацете на ВМРО-ДПМНЕ“, оценува д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и експерт на ЦИВИЛ -Центар за слобода, коментирајќи го неуспешниот обид на Груевски во уставниот рок од 20 дена, да формира нова влада.
„Мислам дека следната фаза ќе биде, да се избегне доделувањето на мандатот на СДСМ. Тоа мислам дека е и договор меѓу Али Ахмети и Никола Груевски, за некако да се произведе – продолжувањето на процесот на решавањето за наредната влада да остане во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, или да се оди на нови избори. Но, тоа сценарио ќе бара понатамошни кршења и погрешни толкувања на Уставот и продлабочување на политичката криза во Македонија. На крајот на краиштата, наскоро ќе видиме, дали СДСМ и останатите партии во парламентот, без ВМРО-ДПМНЕ ќе успеат да формираат мнозинство за формирање влада, бидејќи тоа е процес којшто не може да го сопре ниту претседателот на државата. А, за распишување нови избори, ќе одлучува мнозинството во парламентот, а не одделни партии или Иванов“, изјави д-р Орданоски за ЦИВИЛ Медиа.
Тој додава дека Груевски денеска несомнено ќе мора да го врати мандатот на претседателот на државата Иванов. А, целата ситуација ќе се разреши доколку СДСМ успее да покаже дека има мнозинство од 61 пратеници.
„Во тој случај, ВМРО-ДПМНЕ и некои нивни сојузници, не само што немаат право, туку немаат ниту сила за такви директни кршења на уставните и законски одредби“, заклучува д-р Орданоски.
На прашањето – дали во оваа фаза на политичката криза постои опасност од дестабилизација на државата, д-р Орданоски со одговор: „Секогаш постои опасност од дестабилизирање на држава, кога има ситуација во која поранешната владејачка елита треба да оди на судења за своите злодела“
Моника Талеска