Основниот суд во Велес денеска донесе ослободителна пресуда за 23-годишната Павлинка Илоска која беше обвинета дека лани на 29 септември при семејно насилство го уби невенчаниот сопруг Александар Ристовски. На Илоска и е укината и мерката „куќен притвор“., пренесува МИА.
Судот ја изнесе пресудата и добиените докази од вештите лица, со што се докажува дека Илоска го извршила убиството во момент на самоодбрана кога бил загрозен нејзиниот живот.
Судијката Габриела Гајдова образложи дека Илоска е ослободена од обвинението земајќи го предвид фактот дека таа делувала во нужна одбрана и земајќи ги одредбите од член 9 став 1 од Кривичниот законик кој предвидува дека не е кривично дело она што е направено во нужна одбрана.
Незадоволната странка има право на жалба во рок од осум дена од денот од приемот на пресудата.
-Имајќи го предвид фактот дека е донесена ослободителна пресуда од страна на судот, согласно член 173 став 1 точка 5 од Законот за кривична постапка којшто предвидува дека во тој случај ќе се укине мерката притвор, судот одлучи мерката притвор да биде укината. Против тоа решение е дозволена жалба, но секако жалбата не го задржува извршувањето на решението, појасни Гајдова
Адвокатот на Илиоска, Димитар Петрулев оцени дека имале правично и фер судење врз основа на сите изнесени докази со што судот ја утврдил фактичката состојба и донел одлука за поништување на се.
– Со сите изнесени докази произлезе дека член 9 од Кривичниот закон не е само паушално наведен, туку напротив дојде до примена на истиот, изјави Петрулев.
На вчерашното рочиште, Илиоска изјави дека жали за стореното дело и дека го сакала својот партнер.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздрави одлуката на Основниот суд во Велес да ја ослободи Павлинка Пале Илоска од обвинението за убиство во миг, но истовремено бара од Јавното обвинителство да покрене постапка по допрен глас по нејзиното сведочење дека колега на нејзиниот невенчан сопруг сакал да го одмазди.
– Водејќи се од изнесените докази на главната расправа, судот констатираше дека делото е направено во нужна одбрана и ја потврди оправданоста на нашите залагања за промена во обвинението, поради историјата на насилство во овој случај. Комитетот и понатаму ќе ја следи постапката и ќе бара одговорност од полициските службеници од СВР Велес, кои со своето непостапување по пријави за семејно насилство, грубо ги прекршиле своите законски овластувања и овозможиле ескалација на насилството, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.
Павлинка Илоска беше обвинета дека на 29 септември лани при семејно насилство го убила невенчаниот сопруг, полицаецот Александар Ристовски.












