Поддршката на проектите од Зелената агенда за земјава и имплементација на Целите за одржлив развој на ОН, беа главна тема на денешната средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со новоименуваниот резидентен претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) во земјава, Армен Григорjан.
– Посебна благодарност за УНДП што игра значајна улога за поддршка на Северна Македонија во апликацијата за финансирање и донации за т.н. проект: „Зелена агенда за развој“, ставајќи ја Северна Македонија од 155 апликанти меѓу 12-те можни победници за добивање поддршка од Заедничкиот фонд на ОН за Целите за одржлив развој (ЦОР), заради промоција на Зелената агенда, како важна развојна димензија на земјата, истакна Османи.
На првата официјална средба, како што соопшти МНР, соговорниците разговараа и за имплементацијата на новата Програма за работа на УНДП (Country Programme Document – CPD) со Рeпублика Северна Македонија за периодот 2021-2025, за унапредувањето на целокупната соработка со канцеларијата на УНДП во Скопје, за имплементацијата на постоечките проекти во земјава, како и за натамошните заеднички чекори на УНДП и Владата во насока на имплементација на Целите за одржлив развој, согласно Агендата 2030 како и поддршката на земјата во ЕУ процесите.