Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, утрово преку својот Фејсбук профил ги повика претставниците на бугарското малцинство во земјава да се јават во надлежните институции и да побараат графа за нив – „Бугари“. Очигледно е дека станува збор за гаф на министерот, бидејќи во апликацијата за сегашниот попис, таква графа има, а според информации од Заводот за статистика, таква графа секогаш имало.
-Во јавноста се појавија реакции за односот и правата на бугарската заедница во Република Северна Македонија. Овие реакции прво беа пласирани како мислење и ставови на одредени граѓански асоцијации, а потоа посочени како проблем и од одредени официјални претставници на Република Бугарија.
Дозволете да истакнам:
Република Северна Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко држава. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава, и нивната посебност; напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права.
Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата, напиша Османи на Фејсбук.