Војо Маневски
Појавата на влијание врз политичкиот, економскиот и културниот живот на соседните држави врз нашата ги имало, ги има и ќе ги има. Тоа е нешто што се наследува со самото прогласување на државата за суверена и самостојна. Има во целата таа политика, пред сѐ, економска и безбедносна логика и неопходна алатка во водењето на внатрешната политика на секоја од нашите сосетки.
Невозможно е да се владее во Србија, а да не се запазат митовите врз кои се гради модерниот идентитет на Србија и српскиот народ. Србите после војните од деведесеттите мора да пронајдат заеднички точки меѓу себе, зашто имаат различни култури на живеење па и поимање на заедништвото и функционирање на државата. Разликите помеѓу Србите со австроунгарско наследство во културата и Србите од некогашното кралство Србија не се мали. Да не зборуваме за Србите од Босна и Херцеговина и нивните разлики со Србите од преку Сава и источно од Дрина.
За свои потреби, српската политика прво ја креираше политиката наречена „сите српските земји“ па низ регионална соработка, преку проектот Отворен Балкан, да се стигне до сегашната политика на „српски свет“. Нема овде ништо необично ниту нелегитимно кога се гледа интересот на Србија и српскиот народ. Генерации веќе се воспитуваат со мислење за големината на средновековна Србија како основа на денешната државност, но и битен елемент на идентитетот на српскиот народ. Победите во балканските и Првата светска војна сега се идентитет и на оние чии предци носеле униформи токму на Австроунгарската војска. За митот и значењето на косовскиот завет беспредметно е да пишуваме.
Имав прилика да разговарам и со лица кои ја познаваат и историјата и политиката на Србија и сите се согласуваат дека креирањето на ваква популистичка политика е, пред сѐ, за домашна употреба, но и како залог за некакво идно геостратегиско прекомпонирање на светот.
Колку години средновековна Србија владеела на територијата на географска Македонија прашував обични луѓе кои се корисници на митот за Немањиќи. Одговорот обично е – векови сме имале држава на таа територија.
Историјата вели дека на оваа територија таквата средновековна држава постоела 79 или 84 годиби, во зависност од тоа кој датум се зема за нејзино потпаѓање под Османлиска власт.
Колку години македонските епархии биле под јурисдикција на СПЦ е честото мое прашање за носителите на уверувањата дека српскиот свет е милениумски.
Патријархот на СПЦ Порфирије изјави дека тоа црковно владеење било долго 21 година. Поавторитетна потврда не е потребна, иако ја негираат дузина интернет историчари и инфлуенсери.
Со Бугарија е слична состојбата. И двете страни имаат свои митови и свои потреби за идентитет и затоа историската вистина е недофатлива. Светско правило меѓуи историчарите е дека сѐ што се одвивало низ историјата на територијата на суверена држава и нејзина историја. Се разбира, само како дел од регионалните и светските историски процеси. Нас светот не нѐ интересира многу, туку нашите мали светови за кои сме уверени дека се светски.
Рускиот свет е политика на светска сила која се обидува да опстане на светската сцена како глобален играч при донесувањето на битните улоги. Затоа, таа смета дека нејзин интерес е, секаде каде може, да го прошири своето влијание и да го оствари својот интерес. Ништо непознато. Империите немаат граници туку само главни градови и центар на империјална моќ. Секои средства за успех на империјалната политика сметаат дека се дозволени.
Е, каде е нашиот интерес тогаш почитувани мои сограѓани? Имаме ли ние право на македонски свет? Кој свет би бил тој и кој би го сочинувал?
Досега имавме една декларирана политика која имаше некакви постулати за дејствување на надворешен но и внатрешен план. Тоа е Платформата на Глигоров – Еквидистанца кон соседите. Можеме да ја критикуваме колку сакаме таа политика и да анализираме зошто не се реализира како долгогодишна основа за водење на политика, ама непобитен факт е дека е единствена до сега. Имаше разни обиди за формулирање на таква политика со поддршка на меѓународниот фактор по Охридскиот договор и после Пржинскиот договор, но сето се расплини во изборните партиски платформи и интереси. Пред сѐ, поради неспособноста на партиските елити да исчекорат од своите тесни интереси и да постават заедничка платформа. Брзината и методите на нејзината реализација треба да биде програмската разлика меѓу партиите, но прво таква платформа мора да се донесе.
Македонски свет веројатно ќе има два дела кои не смеат да се спротивстават, бидејќи според својата природа не се спротивставени.
Првиот е – македонскиот свет треба да биде политика на афирмација на македонскиот идентитет како народ со негово храбро преставување на регионалната и светската сцена. За тоа е потребно да се преформулира или постави нова политика на министерствата кои се занимаваат со култура и промоција на идентитетот на народот.
Поважната платформа за нова политика поред мене е – политиката на македонски свет треба да биде заснована врз внатрешна дебата на сите ентитети во државата и тоа врз двојна основа. Дебатата за формулирање на политика, економска и културна еднаквост на сите граѓани. Не можеме да продолжиме успешно да се развиваме па дури и опстанеме како државна заедница, ако сме паралелни светови на граѓани кои не се разбираат. При тоа, интересите ни се еднакви. Кочани и Гостивар се примери дека таква внатрешна политика ни е нужна. Постојан дијалог околу различностите на етничка основа кои, ако не се дел од дијалогот за изнајдување на решение, ќе станат дел од судирот кој никој верувам не го посакува.
Сегашните политички елити тешко дека ќе пристапат кон вакви проекти затоа што така ќе мора самите да се менуваат а тоа не го сакаат. Денешниот тренд на изборни платформи во Европа е предлог до граѓаните за мобилизација врз акутните проблеми и избор на носители на решенија за тие проблеми. Постојано ги повикувам интелектуалците , професорите како одговорни за нудење на решенија за лошите состојби во општеството, невладините организации кои се ставени во ќоше со полулистичките политики и општата партизација, да ги формулираат основните одржливи критериуми за новата политика која би била наш македонски свет за опстанок и развој.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.













