Билјана Спасеска Георгиевска
Неодговорната и примитивна комуникација меѓу политичарите и постојаното меѓусебно напаѓање и вреѓање (се гаѓаат со камења преку нашите глави), ги увери граѓаните дека никому во локалната и централната власт не им е важна одговорноста и добробитта за сите, туку инаетот, ниските удари кон спротивниот табор и политичката (и финансиска) добивка!
Гледајќи дека ПР-от, папагалски пресликан во медиумите, се разликува како црно од бело од реалноста, луѓето се штитат кој како умее – едни не веруваат во ништо и никому, а други подлегнуваат на сѐ што ќе чујат и прочитаат.
Овој комуникациски хаос, во голема мера создаден од вербалната војна меѓу власта и опозицијата, поткрепен со несанкционирање на неодговорните во јавната администрација (продолжи партизацијата), општиот јавашлук, корупција, неспособност (само еден доказ е труењето на 5.000 луѓе во Гостивар) и крајно ниските критериуми (Македонија е потоната во ѓубре) некогаш мораше да се „прелие од чашата# – резултирајќи со масовна несигурност и паника, неотпорност на населението кон шпекулации и дезинформации и огромна, ама огромна недоверба (дури и страв) во системот и државата…
Многу вода ќе протече (задолжително чиста) за да се намали штетата. ПР-от не може вечно да ја прикрива реалноста. Од Месечината се гледа голотијата на царот!!!












