На панел-дискусијата „Северна Македонија меѓу ЕУ и српскиот свет“, во организација на СДА Македонија, прашањата за европската интеграција, влијанието на Белград и Москва, суверенитетот и долгорочните хибридни операции беа меѓу централните теми на дебатата.
Во две одделни интервенции, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода и аналитичар на хибридните закани, се осврна на поврзаноста меѓу „српскиот свет“ и „рускиот свет“, на политичките, медиумските, економските и безбедносните структури на влијание во Северна Македонија, но и на домашните слабости што го попречуваат европскиот пат на земјата. Според него, бугарското вето често служи како погоден изговор зад кој остануваат скриени многу подлабоки проблеми – од владеењето на правото и човековите права до зависноста од недемократски центри на моќ.
Во втората интервенција, фокусот се префрла кон прашањето на суверенитетот. Повикувајќи се на примерот на Украина, тој ја изнесува тезата дека суверенитетот не се губи само со воена окупација, туку тогаш кога едно општество почнува туѓите интереси да ги прогласува за свои, а туѓите наративи – за здрав разум. Оттаму, предупредувањето е дека долгорочните операции на влијание не зависат само од тоа кој е моментално на власт, туку од структурите што навлегуваат во политиката, економијата, безбедноста, црквата и криминалното подземје.
Во продолжение ги пренесуваме двете интервенции, редакциски исчистени од повторувања и говорни застои, без интервенции во суштината на изнесените ставови.
Авторитарните структури не паѓаат, тие се прилагодуваат и продолжуваат со своето дејствување (транскрипт)
Што се однесува до Орбан и Маѓар, до драматичната смена и катаклизмата на Орбан, барем во бројки – ако се сеќавате, истата вечер или веќе утредента сабајле напишав една подолга анализа, заснована на тоа што претходно го истражував. Ги следев сите фази на изборите две години пред да се одржат изборите во април во Унгарија.
Врз основа на тие истражувања, не само мои, туку и на моите колешки и колеги во ЦИВИЛ, предупредив дека Орбан како фигура, како лик, па дури и делумно како структура, падна и дека таа структура во моментов се демонтира.
Меѓутоа, бидете убедени во една работа: особено ако една структура била во добра релација, синхронизирана и хранета со know-how, ако не и со пари, други средства и логистика од Кремљ, тешко дека таа структура ќе падне.
Таа се прилагодува.
Малку се зборуваше за српските медиуми, но ќе препознаете дека одеднаш се креваат други големи компании, се преструктуираат одредени медиумски, општествени и политички екосистеми. Имате ситуација во која голем дел од таа структура се притајува и останува.
Јас никогаш досега не сум бил во ниту една државна или владина институција, но вие ќе ми кажете дали во периодот од 2017 до 2024 година не препознавте една силна инсталација која на почетокот беше многу тивка и притаена, но за релативно кратко време – мислам дека не повеќе од шест месеци, дури и помалку – веќе доби свое лице, облик и функционалност.
Во 2018 година таа доби сосема јасни контури.
И кога сме веќе кај 2018 година, сакам да ве потсетам на една изјава на Олег Шчербак, тогашниот амбасадор на Руската Федерација во Скопје.
Тој, на покана на Факултетот за безбедност, зборуваше на една тркалезна маса во 2018 година, некаде во почетокот на летото, значи неколку месеци пред референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор – некои го нарекуваат референдум за промена на името, јас не видов промена на името.
Тој таму многу јасно рече – мислам дека речиси дословно ќе го цитирам, но да прифатиме дека е парафраза:
„Внимавајте што правите.“
На земјата ѝ се обрати, на Македонија ѝ се обрати, велејќи: внимавајте што правите, затоа што зачленувањето во НАТО и вашите НАТО-аспирации може да ве доведат во ситуација да ја имате истата или слична судбина како Украина.
Тоа е 2018 година – пред целосната инвазија врз Украина, но четири години по првата, делумна инвазија и окупацијата на Крим и делови од Донбас.
И тука сакам да ги поврзам српскиот свет, евроинтеграциите и рускиот свет. Бидејќи српскиот и рускиот свет се еден организам, исто како што дел од тој организам е Орбан, дел е Јанша, дел е Фицо, Матео Салвини, Додик и, се разбира, „вождот“ од Белград, кој е на чело на една политичка, културна, финансиска, подземна, медиумска и безбедносна структура која е целосно вгнездена во земјава.
Да се разбереме: Северна Македонија може да влезе во Европската Унија само под еден услов – ако со тоа се согласи Белград.
И во еден момент Белград може да каже: да, ќе влезете во Европската Унија – откако претходно ќе бидат поставени сите механизми на таков начин што српскиот свет и понатаму, и во европски услови, ќе може да функционира; да ги контролира наративите, да контролира економски, безбедносни, политички и социјални процеси, меѓуетничките односи.
Односот кон Косово, исто така, е нешто за кое очекував дека ќе добие барем некакво ехо. Србија кон Косово се однесува на сличен начин како што Русија се однесува кон Украина, затоа што, според наративот, таму е „срцето, душата и духот на Србија“.
Тој наратив постои одамна и сè уште опстојува. Затоа го имате тој однос дури и во прогресивните српски кругови, каде што, кога ќе се дојде до Косово, речиси и нема разлика од она што го слушате кај Вучиќ или кај Вулин.
Намерно го спомнувам Вулин. Знаете зошто – врските со ФСБ, следењето и предавањето руски и други опозиционери и така натаму.
Имате ситуација во која еден прогресивен Србин, член на академска или граѓанска организација, може да ви каже: Европа – да, човекови права – да, демократија – да, Вучиќ долу, четниците треба да се исчистат, треба да се ослободиме од ова. Но, ако зборуваме за Косово: „Додека постои еден Србин во светот, тој нема да се согласи со независно Косово.“
Истото ќе го видите и во нашата земја. Во Северна Македонија, огромен број луѓе со кои се познаваме, се гледаме и ги знаеме нивните мислења, ќе го кажат истото.
Затоа мислам дека ситуацијата не е таква што можеме лесно да очекуваме да најдеме решение или излез од српскиот свет, особено затоа што тој е целосно синхронизиран со рускиот свет. Српскиот свет е, на некој начин, една бабушка, една матрјошка во рускиот свет.
И што и да се случи во земјава во поглед на Европската Унија, ако мрднеме напред, тоа повторно ќе биде со некаква согласност или некаков формат на согласност од Белград.
Имам уште една поента, многу кратко, што се однесува до евроинтеграцискиот процес.
Знаете што? Бугарското вето од 2022 година е извонреден изговор.
Извонреден изговор.
Затоа што, да не беше бугарското вето, ние ќе имавме многу поголеми проблеми. Всушност, бугарското вето е најмалиот проблем на Северна Македонија во поглед на евроинтеграциите. Најмалиот.
Освен што културолошки, економски и на други начини имате извонредно голема зависност од ентитети или држави кои не се во демократскиот блок, имате и проблеми со владеењето на правото, буквално по сите хоризонтали и вертикали, во сите шест кластери.
Особено ако погледнете во делот што се однесува на меѓуетничките односи. Ако погледнете во делот што се однесува на децентрализацијата – таа практично запре во 2004-2005 година. Колку што направи СДСМ тогаш, толку. Отприлика тука заврши децентрализацијата. А тоа е многу сериозен дел од евроинтеграцискиот процес.
Човековите права, исто така.
Знаете, бугарското вето престана да биде бугарско вето, односно билатерален спор, во моментот кога се донесе Европската рамка. Од тој момент, внесувањето на бугарската заедница во Уставот станува прашање на човековите права. Ништо друго.
Ние имаме проблем со човековите права, а го претставуваме како единствената и најважната причина за стопирањето на интеграцискиот процес во Европската Унија.
Тоа, се разбира, не е доволно за некаков меморабилен завршеток, но мислам дека и читателите – меѓу кои и вие, бидејќи сте и авторки и автори на медиумската платформа на ЦИВИЛ – знаете дека тоа е простор каде што овие идеи се објавуваат во многу подлабоки и подетални формати и можат да се прочитаат.
Украина нѐ учи дека суверенитетот не се губи со тенкови, се губи кога туѓите интереси ќе ги претставите како свои, а туѓите наративи за здрав разум (транскрипт)
Апропо ЕУ и извештаите од ЕУ – тие обично, особено добрите извештаи што доаѓаат од Европскиот парламент и од другите европски институции, доаѓаат доцна или предоцна, кога работите веќе се тотално заглавени и излезени од контрола.
Што се однесува до суверенитетот, Украина нè учи дека суверенитетот не се губи со тенковски колони, со окупација, со инвазија. Тој се загрозува, се разбира. Привремено може да стане и прашање на опстанок, но не се губи. Не се губи. Само се загрозува.
Знаете ли кога се губи суверенитетот?
Суверенитетот се губи кога туѓите интереси ќе почнете да ги прогласувате за свои. Тогаш се губи суверенитетот.
Кога туѓите наративи ќе почнете да ги прогласувате за здрав разум – тоа е губење на суверенитетот.
Кога тоа ќе го видиме, кога ќе го сфатиме, кога ќе излеземе од своите ровови или од апатијата, тогаш имаме шанса да направиме нешто.
Како можете да излезете од рововите?
Не зборувам за ровот во кој е влезен Мицкоски пред отворените врати на ЕУ – влезен во ров со шлем од Првата светска војна и со изгравирано сонцето од Вергина на шлемот. Не зборувам за тоа.
Зборувам за рововите во кои се паднати граѓанките и граѓаните. Тоа се рововите на апатијата, безизлезноста, чувството на изолираност и така натаму.
Инаку, за Москва, а и за Белград, никогаш не било пресудно кој ќе дојде на власт. Добро, секогаш им е подобро на власт да дојде некој што целосно им одговара, како што е, да речеме, моменталната гарнитура на власт веќе две години.
Но за нив е многу поважно да ги одржат структурите што го навигираат општеството, системот, економијата.
Тоа е најважното – структурите.
Значи, не им е пресудно дали на власт е Зоран Заев, Ковачевски или Мицкоски. Се разбира, имаат свои погодности кога е Мицкоски, малку им е потешко кога е Заев и така натаму. Но тоа не е суштината.
Имате ситуација во која тие спроведуваат долгорочна операција на влијание – хибридна операција, ако сакате. Популарен е тој збор, хибридна војна.
Тие работат на ешалоните што се влезени во економијата, во политиката, во безбедноста. И, се разбира, не заборавајте ја црквата.
Но не заборавајте уште еден елемент – подземјето, криминалното подземје.
Замислете, и тоа има свои врски со официјалните политички и воени структури во Кремљ, а со тоа, се разбира, и со другите краци на таа мрежа, односно на тој екосистем.
***
Целата дебата во органзација на СДА Македонија „Меѓу ЕУ и српскиот свет“ е достапна на Јутуб каналот на ЦИВИЛ. Дебатата се одржа на 30 јули во Скопје.
Во дискусијата учествуваа Никица Корубин, поранешна пратеничка и колумнистка; Роберт Алаѓозовски, критичар и поранешен министер за култура; проф. д-р Ана Чупеска, претседателка на Советот на СДСМ; Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦИВИЛ МЕДИА; Џабир Доко, генерален секретар на Партијата за движење на Турците (ТХП); и Петрит Сарачини, новинар и граѓански активист.
Д. Муратов
Камери: Ариан Мехмети, Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети













