ВОЈО МАНЕВСКИ
Насловот асоцира на војничка наредба, после која треба да се запрат активностите на оној на кого се однесува наредбата и истите да се реализираат како што е пропишано. Не е вообичаено во колумни да се пишува за војска и воени лица, но понекогаш таквите теми сами се наметнуваат. Цел свет денес се занимава со јасните или скриените пораки од говорот на Путин пред руската и светската јавност. Почеток ли е ова на голем воен судир со незамисливи последици? Останува само ние обичните граѓани да се надеваме дека до тоа нема да дојде. Таа немоќ пред најавената катаклизма ме прави нервозен и ми ја потврдува сопствената минорност пред лудоста на светските игри и интереси. Во стомакот ми расте некој немир кој го распалува мојот страв од ужасите на војната. Кога се обидувам да пишувам за нашите секојдневни случки на јавната сцена, ми се наметнува заклучокот дека сме неповратно заразени со тривијалности и несериозност. Три дена се замајуваме со партиските препукувања околу неспособноста на премиерот за служење војска. Некако целата реторика ми изгледа како да е одек од некои други времиња и односи кон општеството. Она што испливува од целата расправија е потребата од одговорност за искажаното на секој што зема учество во јавната дебата. Мора да си признаеме дека таму длабоко потфрлуваме сите. Велиме дека се ѐ легитимно во партиската војна. Е, не ѐ се дозволено мои, почитувани сограѓани! Не сѐ партиите посебен дел од општеството на кој му е сè дозволено. На памет ми паѓа една мисла на Кикерон кој вели: „Не ми е дозволено да пишувам за она што сакам, ама не можам да пишувам за она што не го сакам“. Ете тоа е мојата дилема кога одлучив да пишувам за АРМИЈАТА. За почеток да разграничиме дека пишувањето и потребата од јавноста за Министерството за одбрана е нужност, која ги осигурува законските постапки при трошењето на средствата, кои се одредени за одбрана на државата. Мојата тема е самата АРМ.
Нема сериозна држава која на одбраната нѐ посветува нужно внимание. Не само од одбранбени причини, туку и како внатрешна доверба во државата, како организам. Без армија државата изгледа како недовршен проект од забавен карактер. Структурата на армијата ја прават професионалци, чија обука и школување е еден од најскапите процеси во државата. Овде не треба да напоменувам колку е скапо да се оспособи пилот, командир на тенк, офицер за современи средства за врски или друга опрема. Самите тие воени средства чинат многу, а нивното одржување е некогаш и поскапо. Сега кога сме дел од НАТО имаме и дополнителни обрвски на фискален, но и на оперативен план. Учеството во разни мисии е скапа работа која се плаќа од средства на граѓаните. Но, да не должам со техничките заклучоци за нив има воени експерти. Има Његош една реченица во Горски Венец каде вели „бој не бије свјетло оружје веќ срце у јунака“. Е тоа срце на јунакот е моралот на армијата која во секоја војна е пресуден, а посебно во одбранбените војни за каква ѐ и формирана нашата армија. Армијата е израз на верувањето на еден народ дека може да ги одбрани своите вредности, својата слобода и постоење. Ако со неодговорно политичко вмешување се намали вербата на народот во неговата армија, ни сто Наполеона нема да ја поведат во успешна одбрана. Токму Наполеон рекол „подбро да имам војска магариња предводени од лав, отколку војска лавови предводена од магаре“. Затоа секаде на светот тој возвишен дух на армијата се чува и штити пред се од политички влијанија. Унапредувањето, поставувањето на високи офицери на одговорни места е исклучително одговорна работа. Ако таму се прескокнат или се занемарат процедурите кои го потврдуваат квалитетот на офицерот, се нагризува системот и после многу тешко тој се става во функционалност. Политичарите секогаш ќе имаат потреба од влијание врз офицерскиот кор, но квалитетот на војската се оценува во духот на одговорност на офицерите кон состојбите во армијата, а не кон дневната политика. Тоа посебно важи за армијата во мирнодопско време кога се гради нејзиниот потенцијал за големите напори, кои се бараат од неа во воено или некое друго вонредно време. Психолошкиот притисок при такви одговорности бара исклучителни луѓе. Погледнете ги информациите од Украина и тоа од двете страни. Колку генерали се сменети од почетокот на војната? Тие се сменети, а некои и загинаа, а колку војници загинаа или се ранети? Во воениот виор се втурнува цветот на еден народ. Таму грешките се непоправливи и орденот на мртовечкиот ковчег покриен со знаме не е замена за изгубениот млад живот. Затоа најдобрите армии на светот сѐ почитуваат и во нив се офицери кои потекнуваат од средните и високите класи, кои тоа го сметаат како должен патриотизам. Кој не верува нека погледне со какво потекло се врвните генерали во британската војска, која се смета за најучинковита со најмалку жртви во воените судири. Споредете ги загубите во Ирак на британската армија и другите сојузнички армии.
Зошто ова го пишувам? Затоа што е време да престанеме да се сомневаме дека нема да нѐ биде и нѐ заслужуваме да имаме држава. Вградувањето на тој сентимент кај граѓаните треба да се земе како субверзивна дејност. Сеењето страв и недоверба има далекусежни последици и на економски, образовен, културен, а на крај и безбедоносен план.
Вмешувањето на високите офицери во партиската и политичката борба мора да има однапред утврдени правила. Имаме закон кој тоа го одредува, ама се потребни и некои други правила за недозволивоста на учество на високите поранешни офицери во дневнополитичките случувања. Ако во некој е вложено средства да научи, да донесува одлуки под стрес и да умее да ја оценува целисходноста на употребените средства и луѓе за постигнување на одредената цел, НЕ СМЕЕ таа негова обука да се употребува во формулирање на партиски пресови од пропаганден или било кој дневен карактер. Учеството на офицер на прес треба да ја отсликува сериозноста на соопштениот став. Во спротивно се руши и последната институција во која граѓаните сѐ уште имаат висока доверба. Се губи високо обучен кадар, а се добива просечен политичар кој ќе отслужи еден два мандата и готово. Во светот и влади и држави водат поранешни генерали, но во политичката борба внимаваат на достонството на високиот чин. Има примери кои не го потврдуваат ова правило, но оценките за нивните политички кариери не се високи, а скоро секогаш нивниот пад од власта е турболентен.
Ќе се воздржам од споменување на имиња од едноставна причина што лично ги познавам најголемиот број на генерали и сметам дека во ниту еден момент нивната приврзаност кон државата не е доведена во прашање. Нивната отпорност кон политиката е друго прашање за кое се обидов да пишувам. Ако успеам да поттикнам издржана дебата за оваа тема сум ја исполнил намерата. Затоа да завршам во склад со насловот.
Господа офицери правете го она што најдобро го знаете и за што сте обучувани, а за другото ОСТАВ. Господо политичари, градете ги стрпливо односите во општеството, за растурање е лесно, ако тоа не го можете тогаш и за вас ОСТАВ!