пишува: СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ
Политиката е невозможна без етиката
Проширувањето на Европската Унија донесе нови предизвици за земјите членки но и за земјите кандидати за членство. Новите предизвици наметнуваат поголем фокус врз суштинските вредности за толеранција и почит, знаење и разбирање кои ја поткрепуваат европската интеграција. Европската Унија не би постоела без дијалог и без душа која со себе ја носат различностите на земјите членки и претендентите. Нашата држава не е остров, случувањата во Европската Унија се случувања и кај нас. По пустошот од Втората Светска Војна, Европејците се помирија преку дијалог. Дијалогот им ја врати довербата на луѓето.
Со здружување на ресурсите и споделување на суверенитетот, ЕУ порасна од шест на 27 земји-членки, следејќи го процесот на интеграција заснован на принципот на солидарност. Без разлика на мааните на процесот, тој е, сепак, единствениот успешен експеримент во демократското управување на интеграција меѓу различни култури. Ова значи дека вредностите и волјата на едни не треба да им се наметнуваат на други луѓе или народи. Ова подразбира дека треба да се сослушаат другите, да се биде отворен за дијалог и да се прават обиди да се разберат другите.
Ние треба секојдневно да се обидуваме да бидеме без предрасуди и да се однесуваме кон другите како кон еднакви партнери. Иако тоа можеби некогаш не го достигнуваме не смееме да се откажеме. Упорноста му дава значење на животот.
Доколку ЕУ, нејзините членки и кандидати за членство сакаат да останат верни на вредностите, треба да бидат и останат центар за промовирање на мирот и дијалогот. Поранешниот премиер на Италија, Романо Проди еднаш кажа: Мирот не значи само отсуство на војна. Мирот е резултат на систематско образование за разбирање, соживот и солидарност.
Многу може да се научи од искуствата на Јужна Африка, Северна Ирска и Балканот. Но наш предизвик е да ги прошириме границите на мирот и стабилноста.
Поранешниот ирски министер Чарлс Мек Криви еднаш изјави: потребно е да се прости за минатото без да се заборави; согласност да се стават настрана минатите битки и да се продолжи кон иднината со заеднички цели.
Нелсон Мандела е пример за тоа што може да се постигне доколку се помириме.
За жал денешните наши општества се сведоци на владини и политички обиди да се манипулира со историјата за националистички и популистички цели. За тоа задачата не е лесна и затоа мора да продолжиме со истакнување на значењето на етиката и чувството за морални вредности во рамките на политиката. Политиката е невозможна без етика. За оваа цел, владите без разлика од која држава доаѓаат треба постојано да се потсетуваат на принципите отелотворени во Универзалната декларација за човековите права и Европската конвенција за човековите права, и тоа што ти го претставуваат – промовирање на свет кој се карактеризира со ред, а не неред, и со дијалог, а не сила.
Да продолжиме со постојано потсетување на четирите постулати за мир предложени од папата Јован XXIII – PACEM In TERRIS, а тоа се мир, правда, љубов и слобода.
Овие идеали може да бидат универзално прифатени како етички вредности што ќе го овозможат соживотот меѓу луѓето. Без разлика дали се работи за конфликт, човекови права, животна средина, економија или образование – секаде каде што ќе се појават предизвици нема сомнеж дека на најдлабокото ниво, корените на сите проблеми се исти. Убеден сум дека дијалогот ќе овозможи да се пронајде трајни конкретни решенија за различните проблеми, а во процесот ќе се открие голема визија за иднината.
Нека 2021 година биде година поплочена со нова визија за мир, солидарност и остварлива визија за иднината.