„Отаде црнилото“ е насловена самостојната изложба на ликовниот уметник Велимир Жерновски која вечер од 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност.
Изложбата се состои од видеоинсталации, како и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции, изработени со 3Д печатење и обоени со златна боја.
– Изложбата е критика на монструозната логика на капиталот. Алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видеоинсталација е визија на едно такво тело – редуцирано само на својата основна функција: дишењето. Но Жерновски во исто време си „поигрува“ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека „црните дупки не се така црни“ дека тие, и покрај тоа што создаваат огромна гравитација, сепак, можат да послужат и како премин кон некој друг универзум, соопшти МСУ за изложбата која ќе може да се посети до 1 јули.
Велимир Жерновски работи цртежи, видеа, инсталации, интервенции во јавен простор и сценографии преку кои ги истражува поимите поврзани со популарната култура. Жерновски досега има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија, Европа и САД.