Според економскиот експерт, Бранимир Јовановиќ, советник на министерот за финансии Драган Тевдовски, во вториот квартал од годинава, според повеќе индикатори, економската ситуација во државата е подобра. Јовановиќ за ЦИВИЛ Медиа, вели дека веќе е забележан раст на БДП, наспроти стагнацијата од првиот квартал.
„Во првиот квартал од годинава немаше раст на БДП, имаше стагнација… Првичните индикатори за вториот квартал се позитивни, индустриското производство има раст, за разлика од првиот квартал кога имаше пад, трговијата исто така има раст, градежништвото сè уште има пад, но помал во однос на првиот квартал … Така што има индикации дека состојбата во вториот квартал ќе биде подобра“, вели Јовановиќ.
„Според индексот на економски сентимент – индикатор што го изработува Европската комисија, значи не од македонска институција, туку еве, да речеме, професионална и кредибилна институција… Тој индикатор покажува дека во јуни и јули, сентиментот, односно оптимизмот на економските агенти во Македонија, тука спаѓаат и потрошувачите и фирмите, е на највисоко ниво во последните не знам колку години. Значи, одамна немало толкав оптимизам во државата. Така што, навистина има позитивни сигнали“, додава Јовановиќ.
„Трет позитивен сигнал се приходите, коишто се остваруваат во буџетот. Приходите што ги остваруваме на база на персонален данок од доход, на база на данок на добивка, се навистина добри. А, во тековниот месец – август, приходите на персоналниот данок имаат раст од 10 отсто, во однос на истиот период минатата година, што е навистина добро. Приходите на данок на добивка се уште подобри, околу 13 отсто, тоа е одличен показател… Така што има сигнали за подобрување на економската ситуација. Ние на тоа и работиме“, заклучува Јовановиќ.
Моника Талеска