пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Постојат изрази кои ги користиме, секогаш кога ни изгледа прикладно да означиме нешто што отскокнува од вообичаениот говор. Некогаш таквите изрази или термини не се во скад со содржината на поимот, но некогаш го отсликуваат во целата негова природа.
Навикнати сме со години на соседите да им пречиме како се нарекувме, како си го нарекуваме јазикот на кој ние зборуваме (ние зборуваме, не тие) и слични навредливи изрази. Министри, европратеници, разни историчари со конкретни намери ни го окупираат вниманието. Можеби тие мислат дека не администрираат, а ние во заблуда потонати, лошо ја доживуваме нивната братска прегратка. Се повеќе сум убеден дека култивираноста на посетителите во пристојните кафеани е на многу повисоко ниво, од онаа што ја употребуваат политичките преставници на народите во балканскиот вртлог, на јавна сцена. Кога ја искоментирав изјавата на бугарскиот европратеник, пред еден ваков кафански состав, добив експресен одговор – остави го да паламуди, за тоа е платен.
Не сум сигурен дека се сложив во првиот момент за соодветноста на изразот, но кога го отворив толковникот насмевката не можев да ја тргнам од лицето. Теминот ја отсликува содржината во целост.
Паламудење е изведен глагол од грчкиот збор кој значи „непријатен мирис или звук кој излегува од устата на говорникот“. Ете како соседите си помагаат. Одлично ја дефинирале содржината што со леснотија си ја нарекуваме „начин на комуникација“.
Слики кои го потврдуваат значењето на овој израз, ми се вртат низ главата. Искуството со човечки судбини, што го напластив, отслужувајќи го животот, ми ја потврдуваат оправданоста ако го употребам зборот, паламудење.
Почетокот на деведесеттите години значеше и распад на една држава и начин на кој се формираа мислењата и целиот начин на живеење. Северната покраина на Србија, Војводина ги почувстува вистинските последици од прекинот на континуитетот на државата, во која најголемиот број на жители беа родени. Веднаш по Втората светска војна се започна со политиката на преселување на жителите од посиромашните краеви, пострадани од воениот виор. Целта беше да се насели лојално население по унгарската граница и во поголемите градови, посебно каде веќе живееја доселеници од истите краеви уште по Првата светска војна. Со време тие луѓе пристигнати со „возот без возен ред“ постануваа дел од заедничката култура. Научуваа по нешто унгарски, се женеа и мажеа со другите староседелци и се менуваа и во начинот на живот и во сфаќањето на вредностите. Се разликуваа според својот динарски изглед, поголемата агресивност во однесувањето со староседелците и меѓу себе, но и подобноста кон новиот режим. Многу почесто од другите, стануваа директори, раководители, комитетлии. Вриењето на тој котел од разни народи и култури постепено се стишуваше. Врските со стариот крај и роднините, постепено стануваше само сеќавање кај постарите генерации.
Граѓанските војни се најстрашни, поради тешкото идентификување на противникот, тие завршуваат со примирје, а не со траен мир. Така во средината на деведесеттите повторно една маса на луѓе се доселуваше во Војводина. Почнаа да ги бараат роднините, некогашните роднокрајни врски се појавија. Целото тое лето 95-тата и следна есен минуваше како потрага по корените. Се слушаше се повеќе краишки говор, на улица се изгуби тишината на Средна Европа, а високите тонови во разговорот сѐ повеќе стануваа доминантни. Балашевиќ и неговите балади веќе не беа во мода. Почнаа да се разлабавуваат врските, градени со децении со соседите староседелци. Недоразбирањето го замени соседското разбирање и почит.
Кога пролетта ја опсипа рамницата, над росните утра се појави разликата меѓу роднините. На различен начин се обработува земјата во Краина, отколку во Војводина. Ни кујните и домашните рецепти не се поклопуваа. Температурата меѓу поранешните соседи полека спласнуваше и повторно почнаа старите соседски посети и зеднички веселби. И едните и другите роднини, почнаа да „паламудат“ за разликите меѓу нив. И повторно се зборуваше за селидби и барање место под сонцето. А и тоа паламудење не беше на ист јазик. Оние што дошле пред 50 години веќе имаат друг јазик со друга јазична форма, а оние што дојдоа деведесеттите зборуваа на друга јазична форма на истиот јазик. Сѐ повеќе паламудеа меѓу себе.
Во моите сеќавања се и приказните на моите предци за слични селидби кон Бугарија до средината на дваесеттите години на минатиот век. Востанија, војни, несреќи и нови држави ги делеле роднините и пријателите. Во бегалските делови на Софија, сместени, често на работ од опстанок и со постојани сомнителни погледи на староседелците. Илинденски организации, политички партии со доминантен број на членови што не се родени во кралството Бугарија, посебни улици и квартови во Софија, Ќустендил, Горна Џумаја. Во државната и военета хиерархија постепно го завземале своето место.
Според Колишов, кој е роден во Дојран и бил истакнат политичар „бежанците“ биле осудени на занаети или на државна служба. Не поседувале земја, не поседувале недвижности. Останува да се потпрат на државниот апарат. Роднокрајната препознатливост меѓу себе, многу често била виза за државна служба. Сето тоа не поминало без „паламудење“ на староседелците и поданиците на Кнежевството Бугарија. Постојано од новите кралски поданици се барала потврда на лојалноста и ревност кон политиките на Бугарија кон Македонија, дури и по цена на меѓусебно истребување на довчерашните војводи и комити. Јазикот на кој зборувале „бежанците“ е државен јазик на Бугарија. Како лингвистички се определува и кои семантички форми преовладуваат е второстепено прашање. Тој јазик е државен јазик на Бугарија.
Во меѓувреме и нивните роднини и роднокрајци добиле свој државен јазик и своја номенклатура, свој посебен пат и место меѓу народите. Во второ колено и роднините и племениците почнале да „паламудат“ меѓу себе.
За крај на овој мој мал лаички осврт на личните и семејните искуства ќе ви раскажам една приказна, слушната од еден наш познат актер, кој занаетот актерски го стекнувал во шеесеттите години во Софија.
– Се возам во купе трудбеничко, во возот за Варна, една есен во шеесеттите. Долгото патување и честото застанување, мораш студентски да го прекратиш со читање и разговор со патниците, што влегуваат и излегуваат. Трудбеничките вагони беа најефтини, но и најживописни според патниците.
– Јас и мојот колега наоружани со дневни весници, да ја истакнеме својата интелектуална висина, постојано нешто коментиравме околу она што го пишуваат „газетките“. Се закачивме околу еден текст кој пишуваше за Венко Марковски. Те е македонски поет, те е бугарски писател и поет. Човекот што седеше спроти нас, дремеше потпрен на прозорецот. Кога дебатата доби високи ноти му се обратив на патникот спроти мене.
– Другар, ти се овдешен и полесно ќе просудиш. Според тебе, чиј поет е Венко Марковски?
Ме гледаше неколку минути со израз на лицето на кое се гледаше некакво лесно гадење и полека со трновско наречје на бугарскиот јазик ми одговори:
– Слушај момче јас сум Бугарин од Трновско и ако сакаш да ме прашаш за овошките, за бербата оваа година, за пчелите, кои како деца ги чувам, може да се изнаразговараме. Ама ти со политика сакаш да тепаме време во патувањето. Јас за тоа не сакам да разговарам. Ете ти Правителството, ете ти Софиската чаршија, па таму разделувај мислења колку сакаш. А и онака во државните органи во Бугарија најголем број се од вашите од Македонија, вие полесно ќе си се раберете.
Ја зеде во раце капата со мрежа за заштита од пчелите и неколку садници овошки, замотани во кафеава хартија и си излезе. Останавме јас и мојот колега да паламудиме до крајот на патувањето.
И ете ви раскажав што знам за јазикот на кој се разговара и на јазикот со кој се паламуди. Како лекторите ги распределуваат во своите научни класификации, немам појма. Добро е ако и они и историчарите не ПАЛАМУДАТ.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.