Имајќи ги предвид основните принципи врз кои се темели кривичната постапка, како и прифатените стандарди на Европскиот суд за човекови права, Врховниот суд на Република Северна Македонија, како што стои во соопштението, има донесено заклучок од 07.12.2021 година за одржување јавна седница пред второстепен суд, кој е и достапен на WEB страницата на судот дека: „По предметите што во судот се заведени по поднесена жалба, а кои се водат по обвинителен предлог, второстепениот суд е должен да ги достави поднесоците од едната страна на увид и на одговор на другата страна заради почитување на принципот на „еднаквост на оружјата“, а јавна седница ќе се одржи доколку е истакнато барање за јавна седница во жалбата, или во одговорот на жалбата“.
Оттука, на овој начин се запазува конзистентност во постапувањето, со доследна примена на конвенциското право и меѓународно прифатените стандарди за човекови права, а во насока на обезбедување на правна сигурност и јакнење на довербата на јавноста во правосудниот систем.
Со оглед на наведеното, како што посочуваат од Врховниот суд, остварувањето на правичноста на постапката претставува централен фактор во процесот на одлучување на судовите во решавањето на предметите, меѓу кои и погоре наведениот.
-Коментарите, изјавите и критиките, се дел од секое современо, демократско општество, меѓутоа тоа не смее да ја засени одговорноста за зачувување на независноста и непристрасноста на судството, за постапување во согласност со законите, како и со меѓународните инструменти и стандарди, што наметнува обврска на сите институции, како и на општеството во целина. Јавноста, како и медиумите имаат важна улога во зачувување на независноста и непристрасноста на судството и на принципот на владеење на правото, што претставува неопходен предуслов за зачувување на довербата на јавноста во судството, се вели во соопштението од Врховниот суд.
Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот суд во Велес и на Апелацискиот суд во Скопје, со кои порашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски беше осуден на затворска казна заради злоупотреба на системот за распределба судски предмети АКМИС.
Директорот на затворот „Скопје“ Филип Андов за МИА потврди дека со одлука на Врховен суд предметот се враќа на повторно судење и на Панчевски му се укинува затворската казна. Панчевски денеска беше пуштен од затворот „Скопје“.
Порашниот претседател на скопскиот Кривичен суд на 3 февруари годинава почна да ја издржува затворската казна, беше осуден од судот во Велес на три години и шест месеци затвор, а потоа скопска Апелација му ја скрати на две и пол години.
Владимир Панчевски е осуден е бидејќи во периодот од 2013 до 2016 година, како претседател на Кривичниот суд, рачно доделувал предмети кај подобни судии, а не преку АКМИС системот. Распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаја на Специјалното јавно обвинителство.