Додека пациенти заболени од рак во животнозагрозувачка неизвесност поради недостигот на лекови ја чекаат својата терапија, партиите продолжуваат со меѓусебни препукувања кој е виновен за ваквата состојба на онколошката клиника.
Од опозициската СДСМ вината за хаосот на Онкологија ја лоцираат кај министерот Таравари , директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски и директорот на Онкологија, Стојковски,
„Десет дена пациентите со метастатски канцер од целата држава да се оставени без потребната биолошка терапија. Десет дена овие пациенти чии живот е загрозен, се оставени во неизвесност. Оправдано е нивното стравување дека ваков недостиг на биолошка терапија нема да случи и во иднина. Одговорноста за голготата низ која поминуваат онколошките пациенти е целосно кај власта поради неодговорното и ненавремено планирање и финансирање на јавните набавки за овие лекови“ соопштија денеска од опозициската СДСМ.
„Животите на луѓето се загрозени поради неспособност на власта. Ветуваа реформи и современ здравствен систем. За седум месеци направија хаос. Вината за хаосот на Онкологија е кај директорот на Онкологија, Стојковски, кај директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски и кај министерот Таравари и треба да понесат одговорност“ е ставот на СДСМ.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски вечерва изјави дека нема да поднесе оставка на барањата на СДСМ за негова оставка, посочувајќи дека партијата нема кредибилитет да повикува на одговорност.
-СДСМ, чиј лидер Венко Филипче не понесе одговорност за живо изгорени пациенти, сега бара одговорност, јас сметам дека нема никаков кредибилитет за тоа. Само би потсетил дека во нивниот мандат се случи најголемата злоупотреба посебно на скапите лекови на Онкологија, една девастирачка ситуација која се уште има последици. И не, нема да поднесам оставка, бидејќи ниту со чинење или нечинење не сум придонел ништо во оваа ситуација, рече Клековски додавајќи дека Фондот и Клиниката, директорот, раководството и целиот персонал, напорно работат да се надмине наследената ситуација.
Во однос на новонастанатата ситуација на Клиниката за онкологија, за недостигот на биолошка терапија, тој појасни дека од пет илјади пациенти само една мала група се со недостиг на одредена терапија и оти работат на отстранување на тој недостаток.
На 24 јануари, претставници на здружението на онколошки пациенти денеска и лично од Таравари побарале што поскоро да ги има лековите кои се дефицитарни но и дел од нив да се најдат на позитивната листа. Во меѓувреме, повеќе од 300 лица кои повеќе од осум дена се без терапија чекаат да бидат реализирани анексите на постоечките договори и да бидат обезбедени донации од производители како што најавија од Фондот за здравство за покривање на постоечкиот дефицит.
Д. Мишев