Претседателот Пендаровски на денешната прес конференцијата по завршувањето на седницата на Советот за безбедност, во одговор на новинарско прашање го изнесе ставот дека највисокиот правен акт – Уставот не треба да се отвора премногу често, туку само кога за тоа навистина има причина.
– Сензитивно е прашањето. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот, ако ме прашате мене, не ни треба. Сега, на Република Северна Македонија не и треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа, посочи Пендаровски.
Во одговор на прашањата во врска со актуелната иницијатива за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, вели дека секојпат е добро да се рационализираат трошоците кои државата ги прави, не само во случајот за оваа иницијатива.
Запрашан за барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори, Пендаровски одговори дека тоа не е прашање за претседател на држава, но како граѓанин, тоа веќе го коментирал неодамна.
– Веројатно сите ние кои живееме тука заслужуваме една година и да немаме избори. Од 2015 година имавме постојано некакви избори, вклучително и референдумот кој е еден вид избор. Меѓутоа, тоа е апсолутно автономно право на политичките субјекти во Собранието. Постои само еден начин да предизвикате предвремени избори, односно 61 пратеник да притиснат копче и да го распуштат Собранието. Не би сакал да навлегувам во тој дел повеќе, изјави Пендаровски.
Д.Мишев