Националниот координатор за подготовка за членство на Република Македонија НАТО, г. Стево Пендаровски на дискусијата „Дебатираме за НАТО“ истакна дека солидарноста е клучниот принцип на НАТО.
Пендаровски ги истакна и различните придобивки што Македонија ќе ги ужива од членството во НАТО, но исто така посочи и дека и досега, иако Македонија сè уште не е членка, НАТО и помагал на Македонија, како на пример во текот на и после конфликтот во 2001, кога помогна кризата да се реши преку институционален пат.
На дискусијата беше истакнато дека со влегувањето во НАТО, Македонија дефинитивно ќе стане субјект во меѓународното право и политика и станува дел од колективната одбрана на НАТО, што ќе ја гарантира безбедноста на државата. Сите етнички заедници го поддржуваат членството во НАТО и поради тоа многу е важно да се спроведуваат проекти кои ја зајакнуваат кохезијата во општеството и државата.
Што се однесува до економските придобивки, Пендаровски истакна дека влезот во НАТО ќе придонесе кон зголемување на странските директни инвестиции, посочувајќи го фактот дека сите земји од регионот кои влегоа во НАТО имаа раст на странските директни инвестиции.
Пендаровски одговараше и на прашања поврзани со науката технологијата и посочи дека буџетот на НАТО се користи и за научно-истражувачки цели, нешто што Македонија треба да го искористи.
Неодамна на дебатата „Македонија во НАТО: Задачи, предизвици и можности“ во организација на ЦИВИЛ, Пендаровски изјави дека ние сме во најпроблематичниот регион во светот од кај што може да ни дојде тероризам со религиозна основа, врз основа на негативните рефлексии што проструија во јавноста за придобивките на земјата со влез во НАТО.
Пендаровски тогаш додаде дека од НАТО никој не бара да излезе, дека нема релевантна политичка партија во ниту една земја членка на Алијансата, која има во својата политичка програма или изборна кампања точка која вели дека ќе организираат референдум за тоа дали луѓето сакаат да бидат во НАТО или не.
Денешната дискусија беше организирана од Инфо центар за евроатлански интеграции, кој ќе организира повеќе вакви настани со цел доближување на придобивките од евроатлантските интеграции до граѓаните.
Б. Ј.