Во ракетен напад врз северозападниот сириски град Азаз, кој е под контрола на опозицијата, во вторникот загинаа пет цивили, а уште пет беа ранети, соопшти Ројтерс повикувајќи се на изјава на медицинска сестра во локалната болница и локален активист.
Меѓу загинатите има едно дете и четворица мажи, изјави за Ројтерс медицинската сестра во болницата во Азаз.
Ројтерс не беше веднаш во можност да го потврди изворот на ракетниот напад, кој се случи во област во близина на турската граница која е под контрола на екстремистичките опозициски фракции поддржани од Турција.
Инцидентот уследи по нападите на турски беспилотни летала и воени авиони врз курдските Единици за заштита на народот (ЈПГ) во Сирија во последните неколку дена, додека Турција и ЈПГ ескалираа удари со удари во кои загинаа цивили од двете страни на границата.
Турција соопшти дека нејзините воени авиони уништиле 89 цели во Сирија и Ирак во неделата, а 184 милитанти биле убиени во операциите насочени кон ЈПГ и Работничката партија на Курдистан (ПКК) во неделата и понеделникот.
Анкара соопшти дека нејзината операција за време на викендот била одмазда за бомбашкиот напад во Истанбул минатата недела, во кој загинаа шест лица, и за кој властите ги обвинија милитантите. Никој не ја презеде одговорноста, а ПКК и Сириските демократски сили (СДФ) негираат вмешаност.
Подготви: Д. Мишев