„Мислам дека многумина не се свесни за револуцијата што се случува во македонското претприемништво Ние за првпат во последните неколку години имаме успешни бизниси што не се наследени од мама и тато, кои не се продукт на транзиција, туку се продукт на љубов и макотрпна и чесна работа. Ова е нешто што на ова општество му фалеше“, изјави Коста Петров, претприемач, на втората панел дискусија од Форумот „Две години Влада – Одговорно пред граѓаните“. Тој, на самиот почеток од своето излагање, го тестираше нивото на знаење на публиката за неколку успешни и иновативни бизниси во земјата. Никој не беше запознаен со бизниси што потекнуваат од Северна Македонија и имаат големи успеси на глобалниот пазар.
Петров истакна дека Владата може да помогне со едукација, што понатаму ќе придонесе многу за развој на иновативниот бизнис сектор. Поддршката од медиумите е значајна, смета Петров, затоа што постојат компании што имаат многу поглем инпакт но не се присутни во медиумите, па луѓето не знаат за нив.
„Очекува поголема соработка на гигантските компании со старт ап компаниите, бидејќи реално овие нови типови на бизниси можат да донесат иновации во овие големи корпорации. Тие се гломазни, бирократски и многу тешко може да се очекуваат иновации од нив. Во партнерство со старт ап компаниие тоа може да се промени и тие, иако се големи, да станат и иновативни компании“, изјави Петров.
За конзервативноста на банките, тој истакна дека тие не се спремни ниту сакаат да разговараат со претприемачите на кои во старт им треба капитал за почнување на некој иновативен бизнис.
„Ако банките не им помогнат на овие компании, ќе им помогне некој друг, но веќе тие нема да бидат македонкси бренд“, потенцираше Петров.
„Ние не можеме да градиме земја на иновации, земја на европски вредности, кога сите претприемачи сме ставени во ист кош. Јас не сакам да бидам поистоветен со другите претприемачи што им даваат минимална плата на вработените, а другите им ги исплаќа во кеш. Не сакам да бидам поистоветен со претприемач којшто на првиот ден на вработениот, веќе го има напишано и отказното решение. Не сакам да бидам поистоветен со претприемач којшто отпушта жена која е 8 месеци бремена. Мислам дека ваков вид на претприемачи не и требаат на Македонија и сите ние заедно, колективно треба да ги истребиме и да им покажеме дека можеби ова е земја каде што владеат корупција и партиската книшка, меѓутоа сакам еве и на мојата ќерка да и дадам надеж дека може и тука да успее“, истакна Петров.
Втората сесија на Форумот „Агенда 2019-2020: Фокусот на Владата до крајот на мандатот“ ја модерираше Џабир Дерала, ЦИВИЛ, а учествуваа премиерот Заев, Томислав Кежаровски, новинар, Беса Арифи, универзитетска професорка, Таки Фити, претседател на МАНУ, Љатифа Шиковска, граѓанска активистка, Уранија Пировска, директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Коста Петров, претприемач и Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети