Од почетокот на руската агресија на Украина, Северна Македонија е на „приоритетната листа“ на непријателските земји, кои што имаат цел да го вознемират или дестабилизираат општеството, преку пласирањето на дезинформации, рече во гостувањето на “Топ тема” министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Ако го анализираме примерот на Министерството за одбрана и Армијата, ќе се види класичен пример за тие дезинформации. Се сеќавате на мојата прва изјава во која беше евидентна поддршката за Украина, веднаш почнаа нападите прво против мене лично, а потоа и против Армијата, нагласи Петровска.
На прашањето околу тогашните „мемиња” на социјалните мрежи дека таа ќе војува со Путин, министерката истакна дека не ги доживува лично.
Тоа и не го сфаќав лично затоа што сфатив за што станува збор. Лично ми пречеа нападите и обидите да се омаловажи трудот на АРМ, тоа ме вознемири многу. Војниците не заслужуваат да бидат предмет на дезинформации, лаги, со цел да се поткопа довербата особено на граѓаните во системот, додаде Петровска.