• Latest
Добро утро со Орданоски

Пиромани преоблечени во пожарникари

January 8, 2021
Фото: Ј. Ѓорѓиоски. Фронтлајн

„Марш за ангелите“ денеска во 12:05 во Скопје

November 15, 2025
Креирано со помош на ВИ

Судството под меѓународна лупа – меѓу критики и политичка одбрана

November 15, 2025

Поранешниот министер за правда Кренар Лога се повлекува од партиските функции во АА

November 14, 2025
Foto: Wikimedia Commons

ОН: Само во октомври повеќе од 260 напади врз Палестинци во Западен Брег

November 14, 2025
Американските воздушни сили, USAF (Photo by Hans Dorries on Unsplash)

САД одобрија продажба на воени авиони и делови на Тајван во вредност од 330 милиони долари

November 14, 2025
Фото: Скриншот, видео Х

Шест загинати во рускиот напад врз Кијив, Азербејџан упати силен протест до Москва откако руска ракета ја оштети и нивната амбасада

November 14, 2025
Фото: Скриншот, видео Гардијан

Демонстранти го блокираа главниот влез на зградата каде се одржува КОП30

November 14, 2025

Марш на ангелите – 30-тиот протесен марш за правда во Скопје

November 14, 2025
Фото: Фејсбук  на Љубомир Костовски

Министерот што подигнува само рачна, говори за брзината на пругите!

November 14, 2025

Богати странци плаќале по 80.000 фунти за „сафари викенд“ за да убиваат цивили за време на опсадата на Сараево

November 14, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ

Пиромани преоблечени во пожарникари

January 8, 2021 07:00
in АНАЛИЗИ, ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Добро утро со Орданоски

Добро утро со Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

За првпат во 200 години, американскиот Капитол, под команда на претседателот Доналд Трамп, потклекна пред нападот од илјадници насилни „патриоти“ кои, неколку часови, ја окупираа веројатно најважната зграда на светската демократија. Во директен пренос на десетици телевизиски и дигитални платформи, буквално целиот свет, во шок и неверување, го сведочеше демолирањето не само на седиштето на американскиот државен сојуз, туку и на смислата на современата демократија: кога ќе изгубиш на фер избори, да го признаеш поразот и мирно да си заминеш од власта.

Големата толпа возбудени и изманипулирани „домољуби“, по долги месеци подготовки и планирања, беше предводена од поголем број добро вооружени и опремени професионалци (застреланата жена, на пример, е поранешен офицер на американското воздухопловство, со највисоки безбедносни пропусници, „вљубена во Трамп“), чијшто синџир на команда допрва ќе се утврдува. Веќе се откриени возила полни со оружје и „молотови коктели“, пронајдени се (и деактивирани) две бомби поставени во околината на зградата, а додека ова го читате се случуваат апсења на осомничени чијашто бројка сè уште не се знае, но секако ќе биде во десетици.

ДАЛЕКУ Е БУДИМПЕШТА

Истрагата ќе покаже дека колосалните пропусти во обезбедувањето на целиот протест, како и на самата зграда на Конгресот, веројатно не биле случајни. Ќе се откријат и комуникациските канали на давањето наредби за координација и ескалацијата на оваа опасна „парада“ кои бездруго ќе водат до највисоките нивоа на Белата куќа (Руди Џулијани и Трамп Џуниор самите се „пријавија“), на чело со Доналд Трамп. Квалификативите „одметници“, „пучисти“ и „домашни терористи“ (се цитираат дефиниции за „тероризам“ од учебниците по право) се најчесто употребуваните политички и правни описи за изведувачите на оваа неверојатна антидемократска, политичка и безбедносна бламажа.

Всушност, единственото чудо е што во овој обид за пуч, наместо четири жртви, нема стотици мртви и повредени. Драмата сè уште не е завршена. Конгресот, сепак, некни, длабоко во ноќта, си ја спроведе својата уставна обврска и во решителна републиканско-демократска акција, протоколарно го прогласи Џозеф Бајден за нов американски претседател кој за петнаесетина дена ќе стапи на функција. Политичката „опсада“ се пресели во Белата куќа и не е исклучено Доналд Трамп деновиве да биде прогласен за неспособен за натамошно извршување на претседателската функција. На крајот, никој нема да биде изненаден доколку збрлавениот ПОТУС биде изнесен од Овалната соба или со лисици или со лудачка кошула на рацете.

Далеку е Вашингтон до најблиската странска граница, има многу за летање. Додуша, за продолжување на сопствената политичка кариера и за дефинитивно располовување на Републиканската партија, на Трамп повеќе му одговара да се претвори во жртва-паталец, одошто во кукавица-бегалец… (За што, на пример, нашиот кукавица-бегалец немаше доволен капацитет во меѓуножјето.)

ИГРАЊЕ СО ОГАН

На што нè потсети целиот овој колосален скандал?

Се разбира: на 27 април 2017, кога се направи крвав обид слично сценарио да се спроведе во Македонија. Локацијата е различна, имињата се различни, бројките се различни; методите, целите, мотивите и политичкиот контекст се исти: кога ќе изгубиш на фер избори, да не сакаш да ја напуштиш власта, по цена реки крв да се пролеат по улиците.

Дури и MAGA-речникот е ист – памтите: „Татковината не се брани со седење дома во папучи“…?

Деновиве Апелациониот суд во Скопје треба да одлучува по жалбите за првостепената пресуда на нашите осудени терористи од 27 април. Никој да нема сомневање дека најголемиот дел од овие лудаци, особено нивните професионални и политички организатори, немаат НИКАКВО каење за тоа за што се осудени. Сега „кенкаат“ и се мрсулават во судницата, но само го чекаат моментот за одмазда, кога ќе бидат многу поефикасни од пред четири години. Глупавата и непромислена стратегија на Зоран Заев и со нив да се помирува, следниот пат ќе го чини глава, од раката на истите овие или од некои слични на нив.

И во САД и овде „пироманите преоблечени во пожарникари“ се исти: крајно-десничарска колекција од мега-конспиратори и национал-шовинисти, шарада од верски радикали, расисти, анти-семити, анти-ваксери… Зад нив стојат моќни пропагандни апарати, цела индустрија за перење мозоци со систематска диструбиција на фабрикации, заговорнички теории и фантазии, „паралелни реалности“ и „алтернативни факти“, постојано ширење омраза, измислици за големи изборни измами, клевети, навреди, дискредитации, закани, вознемирувања, онлајн хистерии… И моќното безбедносно и политичко подземје составено од луѓе на кои постојаното произведување „контролиран хаос“ им е животна кариера.

Се изнагледавме очајни политичари кои, манипулирајќи со ова општествено дно, мислат дека играњето со оган е безопасно.

ОПАСЕН ФЛЕРТ

Флертот на американската центар-конзервативна десница, републиканците, како и флертот на македонската центар-конзервативна десница, вмровците, со вакви радикални структури нема да ги чини само долг, загарантиран престој во опозиција, туку и историски срам и долги внатрешни политички пресметки во кои ќе загубат цела една генерација на талентирани, чесни политичари заробени во конвулзиите на внатрепартиските калкулантства. Пропаднат во процепот на изборот дали си конституционалист или манипулатор-насилник, Мицкоски се обиде да калкулира со овие лудаци и ја заврши сопствената политичка кариера. Нема фер избори на кои тој може да победи, ни во државата, ни во партијата.

Актуелниот предводник, пак, на македонската опозиција, кој е лидер на една мала десничарска партија во Собранието, е таков политички лудак: површен, но вичен демагог полн со омраза и лични фрустрации, кој не разбира дека, доколку му се посреќи да ја оствари својата лична агенда, на крајот ќе заврши висејќи на гранка обесен за нозете надолу, токму како неговиот идол Мусолини. Зошто? Бидејќи антифашистичките сентименти и енергии во Македонија се далеку повтемелени и помоќни од фашистичките. Тој и растечкиот број на негови поддржувачи живеат во една опасна илузија: дека овде некој им се плаши. Проверката на таа хипотеза скапо ќе нè чини сите, но крајот уште сега е совршено предвидлив.

ПОДЕЛЕНИ ОПШТЕСТВА

Но, проблемот и за САД и за Македонија (а и за многу други демократски земји во светот) е сличен: како, сега, понатаму? Општествата се длабоко политички поделени, а оние кои не се на власт, од комоцијата на својата опозициска политичка неодговорност, и понатаму силно инвестираат во тие поделби.

Голем дел од мандатот на Бајден, како и на Заев, ќе помине во политичко справување со последиците произведени од лудаците, не само на  ниво на реставрација на демократскиот вредносен систем и јавната доверба во тие вредности, туку и во реконструкцијата на разорениот систем на демократските и државните институции. Таквите институции не се во состојба да одговорат на итноста за подобар живот (или правда!) што ја бараат граѓаните, дури и под претпоставка политиките да се добри на среден или на подолг рок.

Демократската обнова е тежок и компликуван процес. Во услови на пандемија, проблемите се неколкукратно поголеми. Македонија, удолу-угоре, се мачи со тоа веќе неколку години. Ако ни е за утеха, и Американците штотуку се исправаат пред истиот предизвик, по падот на нивниот лудак од власт.

 


Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.

Tags: 27 априлвмровциДоналд ТрампекстремизамКапитоллудацифашизам
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Скриншот од видео на ДИК

    Локалните избори 2025 се официјално и конечно завршени, објави ДИК

    307 shares
    Share 123 Tweet 77
  • „Ние сме далеку пред Албанија“ – Зошто оваа изјава на премиерот Мицкоски е важна за европската приказна на Северна Македонија

    120 shares
    Share 48 Tweet 30
  • Изгледа гатачката на Грујо ја вратиле во Царина, Мицкоски почна да споделува вести од иднината

    114 shares
    Share 46 Tweet 29
  • Локалните избори во Косово Избори без апсолутен победник, но со пораки за партиите

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Пендаровски: Ниту една земја што се затворила не станала голема, изолацијата не е добра

    96 shares
    Share 38 Tweet 24
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ