Шефот на германското Министерство за одбрана, Борис Писториус, ја потврди намерата на германската влада да ја удвои одбранбената помош за Украина во текот на следната година, пренесува Укринформ.
Писториус истакна дека таквата одлука не е поврзана ниту со фактот што вооружените сили на Украина се принудени да преминат на одбрана поради недостаток на ресурси, ниту со фактот дека САД ги намалуваат пакетите за помош.
„Ова е реакција на сознанието дека средствата што ги доделивме годинава беа брзо исцрпени. Следната година не сакаме да бидеме во ситуација да треба да бараме дополнителни средства“, објасни тој.
Министерот ја нарече одлуката важен сигнал дека Германија нема да ја остави Украина сама на себе, особено сега, кога Украина треба да ја продолжи својата борба, додека дел од вниманието на меѓународната заедница е насочено кон Израел.
Д. Т.