Во процедура која траеше повеќе од една година, во која требаше да се изберат тројца уставни судии, на изпразнетите места во Уставниот суд, денес пратениците успеаја да изгласаат двајца. Со ова Уставниот суд доби двајца нови уставни судии, откако правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева и судијата Фатмир Скендер, денеска со 65 гласа „за“ и еден „против“ беа изгласани во Собранието.
По гласањето, тие веднаш ги дадоа и свечените изјави со што и официјално стапија на функција.
Не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека во целата постапка има кршење на процедурите и со објаснување дека не сакаат да го легитимираат ваквото гласање, ја напуштија пленарната сала.
Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.
На собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да помине и последниот предложен кандидат за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен од страна на владејачките партии.












