Владата на редовната 80 седница го прифати предлог – законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка со кој ќе се овозможи избор на Државната изборна комисија и ќе се надминат објективните слабости во праксата.
Како што соопштуваат од Владата, измените се однесуваат на неколку ставови од членот 27 во кој се брише ставот 3 кој гласи: „Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог на листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието“.
„Во ставот 4, кој гласи: „Од кандидатите на предлогот на листата, политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на Државната изборна комисија, a партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на Државната изборна комисија“, се бришат зборовите „на предлогот на листата“.
Во ставот 5, кој гласи: „Претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, се брише зборот „двотретинско“.
Меѓудругото, министрите на седницата ја разгледаа и ја усвоија информацијата за активностите за редефинирање на начинот и утврдување на критериумиите за наменските и блок дотации за општините, а Министерството за локална самоуправа до крајот на декември 2018-та година треба да достави предлог за редефинирање на начинот и утврдување на критериумиите за наменските и блок дотации за општините.
Б.Ј.