Познатиот косовски активист и долгогодишен политички затвореник во времето на поранешна Југославија, Адем Демачи, почина вчера во попладневните часови во Приштина на 82-годишна возраст. Веста за смртта на Демачи, вчера на попладневната седница на косовското Собрание ја објави собранискиот потпретседател Џавит Халити.
Адем Демачи е нарекуван „косовски Мандела“ поради неговите залагања за мир и демократски вредности. Од 1963 година заедно со неколку косовски писатели и интелектуалци го оснава „Револуционерното движење за обединување на албанците“, поради што е осудуван неколку пати со повеќегодишни затворски казни (вкупно 28 години). Демачи беше и писател, а неговото најпознато дело е романот „Змиите на крвта“ поради е осуден од југословенските комунистички власти.
По излегувањето од затвор во 1990 година, Демачи беше претседател на Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово, активен член во неколку партии како и политички претставник на ОВК за време на војната во Косово 1998 – 99 година. Во 1991 година ја добива наградата Сахаров за слобода на говорот, којашто ја доделува Европскиот парламент, како и на бројни награди како борец за демократија.