CivilFest
Categories

ИН МЕМОРИАМ Почина драматургот Горан Стефановски

На 66 годишна возраст во својот дом во Кентербери, Англија синоќа почина еден од најреномираните македонски драмски писатели, Горан Стефановски.

Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

Роден е во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград.  Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје.

Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).  Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му,  гитаристот Влатко Стефановски.

М. И.

Print Friendly, PDF & Email