И годинава, следејќи ја традицијата, на крајот од сезоната Филхармонија излегува надвор од институцијата, надвор од стандардната концертна практика. Филхармонија ќе реализира два концерти под заеднички наслов „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк со почеток во 21 часот, а во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.
„Ну погоди“
Денеска со почеток од 21 часот, во Градскиот парк, ќе почне забавата со музика од култните цртани филмови од земјите од Источниот блок коишто го обележаа детството на генерациите од 70-тите и 80-тите години од минатиот век.
„Балтазар“, „Ну Погоди“,„Козле Бозле“, „Густав“,„Мечето Ушко“ и многу други ќе бидат дел од првиот концерт „Филхармонија на отворено“, што се реализира во соработка со МКЦ и со Градот Скопје.
На овој концерт, посетителите на „Градски летен парк“ ќе слушнат уникатна изведба на симфонискиот оркестар и на хорот, проследени со специјална видеопроекција на огромни платна и светлосен дизајн, сето тоа во знакот на старите добри и култни цртани филмови. Градоначалникот Шилегов, заедно со директорот на Националната филхармонија, Виктор Илиески и диригентот Џијан Емин на прес-конференција ги соопштија деталите и ги поканија граѓаните на овој концерт.
Аранжманите за музичките теми ги направи Владимир Николов, а оркестарот ќе настапи под диригентската палка на Џијан Емин.
„Љубов и револуција“
Диригентот Џијан Емин (кој освен што ќе ги води двата концерти во Градскиот парк ги направи и аранжманите за концертот „Љубов и револуција“ на 29 јуни) истакна дека му е мило што и годинава му е дадена довербата да ги води концертите.
„Лани имавме светска премиера со Феми Кути, настан кој ги крена нашите очекувања и размислувања во кој правец да се движиме. Чувството на мир, слобода и среќа кои се врзани за времето кога бевме деца беше нашата примарна интенција за конципирањето на програмата на концертот „Ну погоди“. Сите кои ќе дојдат на концертот ќе ја почувствуваат магијата на оваа музика, и помладите и оние кои израснаа со овие цртани филмови“, истакна Емин.
Тој најави дека не помалку возбудлив ќе биде и концертот на 29 јуни насловен „Љубов и револуција“.
„Љубовта е дел од секоја револуција, сакавме да ги споиме овие две нешта преку музиката на на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“… Ќе имаме и хор, кој заедно со оркестарот ќе и понуди на публиката специјално музичко и визуелно доживување“, рече Џијан Емин.