ДЕХРАН МУРАТОВ
Груби се враќа дома. Не, не е роман за кучето Леси. Ова е реална траги-комична политичка ситуација. Поранешниот прв вицепремиер ги изненади и ги фати неподготвени граничните полицајци кога пешки им се појави пред нив. Па мораа набрзина да снимаат некакво аматерско видео од апсењето, инаку јавноста памети дека полициските служби имаат добри режисери за спектакуларни апсења, како на пример апсењето на Брат Лубе.
Сега, не станува збор за спектакуларното апсење, туку за тоа дека Груби доби домашен притвор бидејќи бил небезбеден во затворот Шутка. Ова отвора низа прашања – дали другите затвореници се безбедни? Дали граѓаните можат да се чувствуваат безбедни ако државата не може да гарантира безбедност дури и на еден човек во притвор, каде што има чувари, камери и службеното куче Цеца? Особено ако се потсетиме на случајот со новинарот Томислав Кежаровски, кој поминал долго време во истите затворски услови – се поставува прашањето дали третманот е еднаков за сите.
Ако државата не може да гарантира безбедност во притвор за поранешен функционер, тогаш проблемот не е во еден човек, туку во системот. А систем што не е сигурен зад решетки, тешко дека може да биде сигурен надвор од нив. Одговорот на ова прашање го должат институциите – не со соопштенија, туку со одговорност.
Не станува збор за тоа кој се враќа дома. Станува збор за тоа дали правдата останува надвор.












