Со денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), од ноќеска на полноќ горивата поевтинуваат за два до три денари за литар, со што малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,99 отсто.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за два денари за литар и ќе чинат 93,5, односно 96 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поевтинува за 2,5 денари за литар и ќе се продава за 93 денари, а цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за три денари за литар и ќе изнесува 91 денари, додека малопродажната цена на Мазутот М-1 НС не се менува и останува 53,343 денари за килограм.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат намалување кај бензините во просек за 3,171 отсто, кај дизелот за 3,728, а кај екстра лесното масло во просек за 4,476 отсто, додека кај мазутот има зголемување во просек за околу 1,6 отсто. Курсот на денарот, пак, е за 0,224 отсто понизок од курсот на доларот.
М.Д.