Кумановската полиција и МВР работат на расветлување на инцидентот во којшто физички е нападнат пратеникот од СДСМ, Максим Димитриевски, a се случил ноќеска, во 1:30 часот по полноќ, во кумановската кафеана „Палас“, за време на семејна прослава на која присуствувале и блиски пријатели.
„Во 1:30 часот по полноќ, вработен во кафеаната ‘Палас’ во Куманово пријавил во кумановската полиција случај на нарушување на јавен ред и мир. Ова е сѐ што можеме да кажеме засега. Немаме други информации за јавноста во моментов“, изјавија за ЦИВИЛ Медиа од Одделот за односи со јавноста на МВР.
Пратеникот Димитриевски го потврди инцидентот, додавајќи дека нема сериозни физички повреди.
„На семејна прослава да бидеш принуден да се браниш од група алкохолизирани лица, од коишто бев нападнат, тоа е навистина многу ниско! Луѓето не ги познавам, сите беа во цивил. Некои потоа рекоа дека меѓу напаѓачите биле и полицајци. Сепак, тоа треба да го утврди полицијата“, изјави Димитриевски за ЦИВИЛ Медиа.
Се обидовме телефонски да ги контактираме и сопствениците на кафеаната „Палас“ во Куманово, но никој не одговори на повиците.
Од МВР ветија дека во текот на денов ќе добиеме одговор и на прашањето, дали меѓу учесниците во инцидентот во „Палас“ имало и вработени лица во кумановската полиција.
Димитриевски е актуелен пратеник и еден од најистакнатите членови на СДСМ. Пред да стапи на оваа функција, беше претседател на Советот на Општина Куманово.
„Ваквите и слични инциденти на поединци или групи, нема да ме оттргнат од долгогодишната битка за враќање на демократијата во Македонија, борбата против криминалот и корупцијата, со цел што подостоинствен живот на граѓаните на оваа држава“, дециден е Димитриевски.
Моника Талеска