Пописот сè уште ја бранува јавноста. По лидерската средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на партијата ВМРО-ДМПНЕ, Христијан Мицкоски, беше одлучено пописот да се одложи за септември, поточно од 5 до 30 септември. Апликацијата за попишување на нашите граѓани во странство останува отворена до 30 септември.
На само неколку дена пред почетокот на пописот, кој беше најавен од 1 до 21 април, Владата порача дека учество на пописот на населението е граѓанска должност и патриотски чин, додека премиерот Зоран Заев сметаше дека најавите за бојкотирање на пописот и неотворање врата на попишувачите, доаѓаат само од поединци. Мицкоски, пак, не отстапуваше од идејата дека доколку Владата продолжи да го турка овој процес кон негова реализација, а не на одложување на пописот во ек на глобална пандемија, тие нема да го признаат пописот.
За Мицкоски здравјето нема цена и истакна дека ќе ги повикаат граѓаните да си го заштитат здравјето и ако се чувствуваат небезбедно да не отвораат врата.
„Сега овој момент се обраќам за првпат вака ќе настапам директно до Македонците во нашата држава. Почитувани ова е држава каде можете слободно да се изјасните како Македонци. Пописот е единствената операција која го прибира овој податок, не ја пропуштајте таа можност. Почитувани останати граѓани на државата припадници на делови од повеќе народи кои живеат во оваа земја Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати. Имате можност слободно и без притисок да се изјасните онака како мислите дека треба да се изјасните. Искористете ја оваа можност“, изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на 26 март.
„Очекувам сите да бидат активни во споделувањето на информации со нашите луѓе во дијаспората за попишувањето, процесот е лесен, а ќе овозможи бенефиции пред се за нив, затоа што точните бројки нас ќе ни ги утврдат приоритетите за дистрибуирање на нашите дипломатско-конзуларни претставништва“, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали е потребен поголем ангажман за информирање на нашата дијаспора во Австралија, на 27 амрт.
Османи нагласи дека има многу практични причини зошто треба дијаспората да се попише, а како конкретен пример го посочи прашањето за базните станици за пасошите.
„Досега преку мобилни екипи ги праќаме нашите дипломати за да сликаат неколку дена и повторно се враќаат. Тоа значи дека нашите граѓани треба да чекаат кога ќе биде терминот да стигне екипа од Скопје за да се сликаат. Сега направивме базни станици што ќе бидат 24 часа во текот на целата година во амбасадите за да можат граѓаните да се сликаат во текот на целата година. Начинот на кој ќе ги обезбедуваме овие базни станици ќе зависи од бројот на попишани граѓани, што значи дека ќе бидат однесени таму каде повеќе се попишани затоа што сметаме оти има повеќе од нашата дијаспора“, изјави Османи, по тематскиот работен состанок со шефовите на ДКП на акредитирани во земјите членки на ЕУ и постојаните претставништва во Унијата и НАТО.
“Дали се работи за водовод, улици или канализации, станбени згради, или социјални станови, како предуслов за да направиме добро планирање е спроведување на пописот. Пописот треба да биде одржан после 20 години во државата, бидејќи новите параметри што ќе ни ги даде пописот, оваа операција ни дава можност за прецизно планирање, урбанизација и решавање на значајни инфраструктурни прашања и проблеми за граѓаните,“ изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на 27 амрт.
„Со пописот добиваме точни информации, кои се потребите на граѓаните, каде се потребни нови градинки и училишта, каде е потребен стручен кадар за помош за лица со попреченост, нови болници, ефикасни политики за инвестиции, за располагање со работна сила и други податоци важни за политиките за одржлив развој. Државата се сака со поддршка на процеси кои значат развој и подобар живот за граѓаните, и тоа е патриотски чин, патриотски е да си ги кажеш корените. А тоа го овозможува пописот, бидејќи во графите за попис стои Македонци, а добиваат можност да се попишат и Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Ромите“, рече вицепремиерот за борба против корупцијата и криманлот, Љупчо Николовски, додавајќи дека придобивките од пописот се огромни и затоа е потребно обединување, а не бојкотирање на овој процес.
На четири дена пред најавениот старт на пописот на населението ( кој требаше да започне на 1 април) власта со пораки сите да се обединат и вклучат во процесот, со гаранција дека тој ќе се одвива безбедно. Опозицијата остана на ставот за одложување. Продолжија и повиците за попишување на дијаспората.
„Успешното спроведување на пописот е од државно значење, бидејќи е клучно во креирањето ефикасни јавни политики за потребите на граѓаните и за развојот на државата“, заклучиле на средба премиерот Зоран Заев и шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија, во земјите-членки на Европската Унија и во постојаните мисии во ЕУ и во НАТО.
Како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, веќе се прави план попишувачите да бидат ставени во приоритетните за вакцинирање. Процесот на нивна вакцинација, рече тој во телевизиско гостување, може да се организира за два дена.
Од ВМРО-ДПМНЕ со соопштение оценија дека „е лудост е да се организира попис во време кога владее пикот на третиот бран на Ковид-19“.
Владејачката партија, пак, преку соопштение потенцираше дека пописот во април ќе се спроведува со целосно почитување на здравствените протоколи и мерки за заштита од корона вирусот, а здравјето на сите, како на граѓаните, така и на попишувачите ќе биде целосно заштитено, процесот на попишување ќе биде целосно безбеден од здравствен аспект.
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, пак, побара власта да направи анализа и да го одложи пописот најмалку до јуни или на неопределено време, како и да се обезбеди политички консензус за времето на одржувањето, а во меѓувреме попишувачите да се вакцинираат.
„Демократскиот сојуз предлага одложување на пописот поради тоа што: се влошува епидемиолошката состојба, вирусот се шири, има голем број на заразени, здравствените капацитети се исполнети, со имунизацијата се касни (нема вакцини), иселениците, Македонци досега не се попишаа, голем број на граѓани најавуваат дека нема да ги примат попишувачите во своите домови, опозициските партии од македонскиот блок бараат одложување или негово бојкотирање. Сето ова укажува дека пописот нема да биде успешен, а резултатите ќе дадат искривена слика на состојбите, посебно на оние за вкупниот број на населението и нивната етничка припадност, велат од ДС.
Пописот не е пазар, не е отворање на алваџиски тефтер, туку спроведување на закон, вели заменик директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Сељами, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Како Државен завод за статистика, наведува, сакаме да се обраќаме до граѓаните, бидејќи пописот се прави за граѓаните.
Во коментар за впечатокот на граѓаните дека политичарите го киднапираа овој процес, Сељами вели дека жали што политичките партии не сфаќаат дека ако не се одржи пописот губат сите.
„Да, но овој однос на попис е однос меѓу Заводот за статистика и граѓаните. Ние им се обраќаме на нив, ние им тропаме на врата на граѓаните, граѓаните ни отвораат врата, граѓаните ни даваат податоци, ние завршуваме со пописот и тоа е тоа. Постигнат е ефектот, пописот е направен. Со ова сакам да кажам дека политичките агенди за жал на Балканот никогаш не престанувале, не престануваат и нема никогаш да престанат. Впрочем тоа и во оваа целосна ненормалност можеби е и нормално поради тоа што на политичките партии тоа им е работа, да најдат агенда, да најдат теми и таму каде што ги нема. Треба да сфатиме сите, јас жалам што не сфаќаат политичките партии дека ако не се одржи пописот губат сите“, вели Сељами.
Државниот завод за статистика најостро ги демантираше информациите што се појавија во јавноста дека постои можност да се самопопишат и лица кои се откажале од македонското државјанство. Тоа се дезинформации, објавија од ДСС на официјалниот ФБ профил.
„Прв услов е лицата што се попишале да ги има во базата на државјани на МВР. По вкрстување на базите, оние лица коишто ги нема ќе бидат отстранети, иако се обиделе да се попишат со пасивизиран матичен број. ДЗС дејствува по сериозна Методологија и се води по најстрогите и најсовремени стандарди на проверки при попишувањето и секој обид за дезинформирање и манипулирање со населението ќе биде веднаш демантиран и разобличен“, извести ДЗС.
ЛИДЕРСКА СРЕДБА
На 29 март, 3 дена пред „почетокот“ на пописот, лидерска средба одржаа премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДМПНЕ, Христијан Мицкоски во Клубот на пратеници.
„Очекувам да најдеме заеднички решенија за пописот да се спроведе непречено, со целосна заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите и истиот да го поддржи и ВМРО-ДПМНЕ“, изјави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев пред почетокот на лидерска средба со претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски.
„Одам да разговарам, да чујам став и да поттикнам да вложиме максимум за интересите на граѓаните“, истакна Заев.
Заев нагласи дека останува отворен да разговараат и за прашања поврзани со работата на Собранието со цел да се отстранат сите блокади и да се обезбеди непречена работа во корист на народот, како и за темите поврзани со локалните избори наесен.
Од ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на средбата брифираа дека на маса ќе се стават најжешките прашања – прашањето за влада, темата со пописот, како и дијалог за законите кои ќе значат вистински бенефит за граѓаните.
Заев и Мицкоски на средбата се договорија за одложување на пописот за септември и на локалните избори за октомври.
Како што изјави Мицкоски по средбата пописот би се одржал од 5 до 30 септември, а дотогаш ќе биде отворена апликацијата за самопопишување, додека локалните избори би се одложиле за втората половина на октомври.
Заев изјави дека решението што произлегува од разговорот со Мицкоски, е во консултација и со коалиционите партнери од албанскиот блок, ДУИ и БЕСА.
„Во текот на пауза искористив прилика да консултирам претседателот на државата, на Собранието, претседателите на ДУИ и БЕСА, а во среда имам средба и со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Се договоривме да се одложат изборите за вториот дел од октомври и пописот за септември, заради имунизација на населението и попишувачите. Важно е дека дијаспората ќе продолжи да се попишува и ја користам приликата да повикам сите граѓани како дома така и надвор да се попишуваат. Делот за кој се договоривме е и деблокирање на Собранието, што е многу важно за градбата на Клинички центар, законите за пензионирање, законите од европската агенда, за справување со пандемијата и помош на населението и стопанството. Прифативме уште утре како измена во Изборниот законик да влезе гласање со отисок“, изјави Заев.
Заев истакна дека со ова се отвора можност за дијаспората да може да се попише до 30 септември и упати со сите членови во дијаспората да ја искористат оваа прилика.
„Упатувам порака до граѓаните дома, ова е важна статистичка операција. Сега ја имаме и најголемата опозициска партија овде. Верувам со тоа ќе се согласат и албанските опозициски партии, испраќам порака до Левица, до сите граѓани да се попишат“, рече Заев.
„Дијаспората почна да се попишува и ред е да се верификуваат досегашните податоци и даваме континуитет до 30 септември“, рече Заев и додаде дека физичкото попишување е поризично и затоа дале простор за помасовна имунизација на населението па физичко попишување.
Заев нагласи дека во пописот се попишуваат сите граѓани кои имаат македонско државјанство и истакна дека нема да може да се попише оној кој нема македонско државјанство.
„Да ги охрабриме групите во Парламентот кои разговараат за измените на изборниот модел, отворени листи, избор на градоначалник во прв круг, гласањето на дијаспората надвор од ДКП-ата, имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, рече Мицкоски по средбата.
Тој истакна дека во однос на работата во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе работи заедно со парламентарното мнозинство на сите закони, кои се однесуваат на реформската агенда, стопанство, економијата и пандемијата.
Ден по договорот за одложување, ЦИВИЛ со панел дискусија за пописот
Ден по договорот меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пописот да се одложи за септември, а во очекување на потврда на овој договор во законодавниот дом на Северна Македонија, ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Попис: Статистика, не политика“, на која учествуваа професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, Славјанка Петровска, пратеничка во Собранието и член на СДСМ и Љупчо Зиков, главен и одговорен уредник на „Капитал“. Панелот ќе го модерираше Џабир Дерала, ЦИВИЛ. За жал, на бројните покани за учество не одговори ВМРО-ДПМНЕ, иако ЦИВИЛ секогаш поканува претставници на опозицијата.
Пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, на панел-дискусијата на ЦИВИЛ, се осврна на пописот дека сепак е статистичка операција.
„Пописот е дефиниран и се нарекува статистичка операција, кој за жал во Република Северна Македонија на некои субјекти не им изгледаше така. Во последно време бевме сведоци на големи кампањи. Дел од опозициските партии најмногу ВМРО-ДПМНЕ сакаа да го постават како политичка цел.
Точно е дека законот беше донесен по скратена постапка и со европско знаме. Амандманите кои беа поднесени од опозицијата беа дискутирани во кабинетот за европските прашања.
Мислам дека опозицијата треба да размисли каква политика водат. Ме радува средбата вчера, не заради одложувањето, туку затоа што лидерите седнаа и договорија дека треба да има конструктивност“, истакна Петровска.
„Кога имате прашања како попис, не може да дебатирате од политичка страна. Пописот не може да чека, чекавме 20 години. Јас како граѓанин жалам што се фрли сенка на Државниот завод за статистика, кои навистина работат и си ја сакаат својата работа. Во таа политичка битка опозицијата ја засени таа нивна работа. Но на крајот на денот, се седна и се дебатираше за таа тема“ изјави Петровска.
Професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, на панелот на ЦИВИЛ, „Попис: Статистика, не политика“ праша – зошто е одложен пописот?
„Мене ми е нејасно, зошто е одложен пописот, дали е одложен поради пандемијата бидејќи однесувањето на граѓаните не покажува дека постои страв од пандемија. Можеби пописот се одложи поради лошиот Закон и методологија за одржување на попис, но очигледно причината не е Законот за попис, бидејќи веќе се собрани илјадници податоци од дијаспората и би било нелогично сега да се менуваат. Овој момент е проблематичен, бидејќи пописот е статистичка и важна операција, но неспорно е дека оваа операција кај нас е политичка операција. Од чисто статистичка се претвори во чисто политичка операција.
Бројките станаа предмет за добивање на права на одредени етнички заедници по потпишување на Охридскиот рамковен договор. Наместо да ги слушнеме бенефитите од пописот, ние слушнавме дека пописот е патриотски чин. Каква врска има патриотизмот со статистичката операција. Моментот кога почна да се повикува на бојкот, веднаш се стави политиката на прво место.
Не смее Собранието да биде слуга на политичките партии, и треба да ја преземе улогата оваа статистичка операција да не се претвори во политичка.
Треба да целиме да се прави целосно електронски попис со вкрстување на податоците“, вели Најчевска.
Главниот и одговорен уредник на „Капитал“, Љупчо Зиков, на панел-дискусијата на ЦИВИЛ зборуваше за пописот од економска гледна точка.
„Се радувам што на економијата и се дава можност да се искаже во ваква ситуација.
Во 30 години, во Република Северна Македонија, политичарите како да не се свесни за многу работи. За жал, македонските политичари, не ја сфаќаат смислата за постоење на политичка сцена. Политичката сцена не постои за нивните кариери или нивните животи. Не сфаќаат дека треба да им служат на граѓаните во неколку области. Анахроно и глупаво е да се зборува дека Македонија располага со бројки од пописот од 2002 година.
Попис во 2021 година никаде во светот не е тема. За мене 3 клучни постулати се важни. Податоците од пописот се база за стратешка економска политика на Владата. Битно е и кај компаниите и физичките лица за деловна политика. И трето, пописот е битен за пописни политики. Пример, сакаат да градат спортска сала. За колку луѓе треба да се направи таа сала?“, истакна Зиков.
Како општествено одговорна организација, ЦИВИЛ организираше серија дебати за пописот, почнувајќи од почетокот на декември минатата година. Како и секогаш, организацијата и во оваа тема дејствуваше „децентрализирано“, па дебати организираше и во други градови, како Штип, Гостивар и Гевгелија. ВМРО-ДПМНЕ учествуваше на дебатите во Штип и Гостивар, а опозицијата беше претставена и преку претставникот на Социјалистичката партија на дебатата во Гевгелија.
Измените во законот за попис
Сè уште беше неизвесно на 1 април дали ќе почне најавениот Попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година или, пак, во последен момент Собранието ќе донесе одлука за негово одложување за септември како што беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ги поздрави напорите што, како што рече, биле направени за одблокирање на работата на Собранието, но, требало во нив да биде вклучен и тој како претседател затоа што треба да ги спроведе сите процедури во институцијата. Во однос на Законот за попис и измените на Изборниот законик рече дека не знае кога бидат донесени, бидејќи, како што нагласи, мора да бидат запазени сите постапки. Информира дека од формален аспект предлозите ги вратил до предлагачите, од каде очекува во најбрз рок да ги вратат повторно во Собранието.
„Ги поздравувам напорите направени последните денови надвор или внатре во институцијата. Ги поздравувам одлуките што едногласно се изјаснија дека се за одблокирање на работата на Собранието. Најпосле го поздравувам и фактот што знаат дека е направена намерна или ненамерна грешка, иако јас ќе ја сметам за ненамерна, за фактот што во сите работи и математики требало да биде присутен претседателот на Собранието, кој што тие одлуки да ги спроведе институционално во Собранието низ процедурите“, рече Џафери.
„Имавме долга координација во Собранието меѓу пратеничките групи, Владата и претседателот на Собранието. Скоро сите пратенички групи се согласни дека час поскоро треба да се усвои законот за попис. За жал, не успеавме вечерва (31 март) да се договориме, благодарејќи на една од опозициските пратенички групи“, рече министерот за правда Бојан Маричиќ.
Државниот завод за статистика соопшти дека попишувачите нема да излезат на терен по најавите за одложување на пописот за септември. Тие ќе чекаат разрешница на целата ситуација во Собранието.
„Со оглед на новонастанатата ситуација во врска со Пописот 2021, а во согласност со Законот за
Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021,
до завршувањето на постапката во Собранието на РСМ што се очекува многу брзо, Државниот
завод за статистика нема да ги отпочне пописните активности на терен“, соопштија од ДЗС.
Се изгласа потребата за одложување на пописот и измените во Изборниот законик
Со 95 гласа за и 7 против, Собранието ја изгласа потребата за измена на Законот за попис по што претседателот на Собранието ги овласти претседателите на комисиите да закажат седници. Координаторот на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи најави дека против одложувањето на пописот ќе предложат амандмани. Но дискусијата на комисијата за европски прашања е ограничена на три дена. Пратениците со 102 пратеници за и ниту еден против или воздржан, ја изгласаа и потребата за измените во Изборниот законик. И овој закон се праќа ви понатамошна процедура во работните тела.
Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива останаа на ставот дека пописот не треба да се одложи и нагласи дека нема да дозволи да се одржи денешната собраниска седница, на која на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.
Координаторот на пратеничката група на Алијанса и Алтернатива, Скендер Реџепи денеска во Собранието изјави дека во ниту еден случај нема да дозволат се одржи денешната седница, се додека не дојдат сите пратеници од нивната пратеничка група.
„Денеска и службено се докажа дека Талат Џафери и демократијата се два различни поима. Во 12:15 добиваме порака за седница, што треба да се одржи во 13 часот. Замислете како би можеле пратениците кои се од внатрешноста да стигнат во Скопје за само 45 минути. Тоа е една игра, манипулација со правата на пратениците кои се во Собранието, што не му доликува ниту на претседателот на Собранието, ниту на мнозинството, кое ја искреира оваа манипулација“, рече Реџепи.
Нагласи дека остануваат на ставот дека не треба да има одложување на пописот.
Американската амбасадорка во Северна Македонија Кејт Брнз разговарала со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, со цел да ја истакне потребата да бидат конструктивна и ангажирана опозиција, објави Амбасадата на САД на својот Фејсбук профил.
„Амбасадорката Брнз ги охрабри двајцата лидери да соработуваат со останатите со цел да ги надминат предизвиците со кои се соочува земјата во моментот“, посочи Амбасадата на САД.
Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива претходно објави дека останува на ставот дека пописот не треба да се одложи и нагласи дека нема да дозволи да се одржи денешната собраниска седница, на која на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, 2021 година по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.
На 2 април, во рамки на 38. седница пратениците ги донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, по скратена постапка и измените и дополнувањата на Изборниот законик со којшто се предвидува воведување на терминали за отисок од прсти на локалните избори што се одложуваат за втората половина на октомври.
Измените и дополнувањата на Законот за попис беа донесени со 95 гласа „за“, а „против“ гласаа 12 пратеници. Во рамки на гласањето по Бадентер, 26 пратеници од заедниците гласаа „за“, додека 12 против. Воздржани немаше.
Попис на дијаспората
Преку апликацијата за самопопишување до 1 април се евидентирани вкупно 177.875 лица од дијаспората, објавија на веб страницата на Државниот завод за статистика. Најмногу самопопишани граѓани има од Швајцарија – 58.067, Германија – 40.400 и Италија – 25.618. Во САД има попишано 7484 лица, во Австралија 2227 и Канада – 1591 граѓанин.
Според политичкиот договор за одложување на пописот, самопопишувањето на граѓаните од дијаспората ќе продолжи до 30 септември годинава.
Од соседството од Албанија досега самопопишани се 362 лица, Босна и Херцеговина – 530, Бугарија – 408, Грција – 141, Косово – 1 038, Словенија – 3324, Србија – 678, Хрватска – 1331 и Црна Гора – 163.
Екипата на ЦИВИЛ подготви уште еден политички видео магазин СКЕН на тема попис.
Ирена Крџиќ