Храбро е денес да се зборува за човекови права и за женски права. Апелирам до министрите за Правда и МВР да ги засукаат ракавите и институциите да имаат ефективна кривична правда и процесуирање на делата кои атакуваат жени, вели Весна Попоска, деканка на Правен факултет, на панелот на ЦИВИЛ „Родовата еднаквост во Северна Македонија: Меѓу декларациите и реалноста“.
„Јас сум првата жена што докторирала на Воената академија, што е третирана како „машка“ професија. Родовата еднаквост не е само бројка. Ако веќе се изборивме за некаков родов квантитет, треба да се бориме и за квалитет. Недостига институционална одговорност на повисоки нивоа. Жртвите не им веруваат на институциите. Видовме дека во преговорите за нова Влада, ниту еден политичар или министер не истакнаа ниту едно име на жена од помалите етнички заедници, да им се даде одредена функција. Национализмот носи сензиционализам и не носи ништо добро.
Имавме лица кои револуција ќе кренат заради промена на името на државата, но никогаш не можат да замислат жена им да си го задржи презимето, нагласи меѓудругото Попоска.
Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски