Во насловот едно, а во прилогот друго, ова е една од најчестите форми преку кои невистинити информации доаѓаат до публиката. Таков е случајот со порталот „OhridNet.com“, кој објави содржина со наслов: „Нови 42 случаи на СИДА во земјава, еден од Охрид“.
На содржината објавена од „OhridNet.com“ на 2 декември 2021, во насловот се вели: Нови 42 случаи на СИДА во земјава, еден од Охрид. Меѓутоа, во прилогот воопшто нема информација дека има „нови 42 случаи на СИДА во земјава“, туку дека „шестмина се болни од СИДА“.
„36 лица од новооткриените се заразени со ХИВ, а шестмина се болни од СИДА“, стои во текстот на прилогот на Охриднет.ком.
Иако повеќе медиуми известија за оваа групна бројка од 42 нови случаи како лица со ХИВ/СИДА, повеќето од нив се лица што се позитивни на вирусот ХИВ, а многу помалку се лица кои се заболени од СИДА.
Медиумите треба да прават разлика помеѓу ХИВ и СИДА и соодветно да известуваат за официјалната статистика, зашто во спротивно, наместо средства за информирање и едуцирање на јавноста, стануваат средства за нејзино дезинформирање.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски