Под покровителство на градоначалникот Максим Димитриевски и Општина Куманово, со изложбата на портрети на 45 американски претседатели, дело на слободниот уметник од Прилеп, Борче Тодороски, Куманово одбележа 500 години постоење, а воедно им го честита националниот празник 4 Јули на САД и им заблагодари за нивната поддршка на нашата земја и на Куманово.
„Имав можност пред три години во непосредна комуникација на социјалните мрежи да се запознаам со Борче Тодорски што само го потврдува она одамна кажаното дека вистинските вредности се оставаат и дека вистинските уметници не знаат многу да зборуваат, но сериозно знаат да творат. Во таа комуникација го прашав како тоа вие творите. Ме повика на гости и го видов неговиот труд. Ми покажа дел од овие прекрасни портрети. Си велам ова е невозможно. Да, ми вели, потрошив повеќе од две години да ги насликам овие големи личности и великани. Вечерва пред нас имаме 45 портрети на американски претседатели. Некои од нив специфични по себе, но дефинитивно големи личности од светската историја… Голема е честа да се биде домаќин на една ваква прекрасна изложба и се надевам дека истата ќе поттикне многу млади луѓе да создаваат и творат во стилот на Борче Тодоровски“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово отворајќи ја изложбата “Портрети на американските претседатели” на Борче Тодороски што ја отсликуваат американската историја и политика изработени во техниката графитен молив.



Инсипирацијата за ваквиот начин на одавање почест на една голема нација доаѓа пред сè од проучувањето на американската култура и историја и нивниот придонес кон поставување на темелите на демократски модерни општества.
Самиот уметник се надева дека неговите дела ќе предизивикаат интерес и ќе наидат на добар прием не само кај американските пријатели туку и кај сите вљубеници на уметноста. Тодороски работел 2 години портретирајќи ги сите претседатели на САД, од Џорџ Вашингтон до актуелниот Доналд Трамп.
Биљана Јордановска












