Уметникот Агим Пошка од Струга во видео порака во Иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“, за тоа како треба да се однесуваме едни кон други, за иднината и хармонијата меѓу нас.
„Јас сум од Струга, и ние имаме многу убава река во центарот на градот, како што и многу други градови имаат свои реки. Граѓаните направија една хармонија живеејќи покрај реката со децении. Мислам дека оваа метафора може да се користи и за нашите сограѓани. Луѓето во Македонија треба да живеат едни со други, не едни покрај други. Иднината е во наоѓање хармонија, која ќе создава попозитивна и посветла иднина за сите нас“, претстави Пошка.
„Основата на европското право е хуманоста, која ги држи нациите да функционираат заедно во тие вредности, иако со години војувале едни со други во Европската Унија или на таа територија. Поголеми вредности од хуманите не постојат во оваа земја, и ние треба како битија да сфатиме дека сме дел од природата и не сме центар од овој универзум. И етничките групи треба да сфатат дека се дел од ова општество, а не дека се центар на тоа општество. Позитивен пример би зел од моето семејство. Мојата ќерка сега оди во клубови коишто се мултиетнички, што не беше реалност пред 20 години. Нема веќе клубови поделени врз етничка основа, за нив важни се спортот, цртањето, односно оние активности што се важни и што им носат некакво задоволство на тие млади. Тоа е најдобар пример од мојот живот.“, вели Пошка.
“Проектот „Направи разлика, почитувај ги различностите“ е одличен мотив уште еднаш да се порача дека оваа земја е заедничка за сите и не треба да гледаме на неа како на нешто ексклузивно, туку на нешто заедничко во кое сите треба да си ја најдеме својата среќа и својата иднина.“, ни порача уметникот Агим Пошка.
Агим Пошка, професор по применета лингвистика и редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Пошка е музичар, инструменталист и кантавтор со дваесет годишно искуство. Автор е на 3 музички албуми и 14 видео записи, автор и продуцент на телевизиски програми во националните телевизиски куќи Алсат-М и ТВ21. Добитник е на неколку музички награди во земјава, Косово и Албанија. Учесник и добитник на прва награда на Нота Фест во Скопје, и други награди на реномирани фестивали во Албанија. Активен композитор што пишува за различни музичари од Балканот.
Живее во Струга покрај Дрим, а како составен дел од угостителскиот објект „Арт кафе“ е поставен и симпатичен мини театар во кој се одржуваат различни настани, а на лето во вечерните часови се собираат уметници и љубители на уметноста и приредуваат одлични претстави.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска