Путин повторно ја реконструираше својата воена команда во Украина додека неговите сили се мачат да постигнат напредок, заменувајќи го својот досегашен врховен командант, генералот Сергеј Суровкин со Валери Герасимов, инсајдер од Кремљ кој помогна во оркестрирањето на инвазијата, пренесува Њу Јорк Тајмс.
Сега веќе сменетиот врховен командант, генералот Сергеј Суровкин, кого руските медиуми го нарекуваа „генерал Армагедон“, поради неговата наводна немилосрдност, беше назначен од Кремљ за врховен командант на руските сили во Украина пред само три месеци, по серијата контраофанзиви на украинската војска кои придонесоа за промени на фронтот во корист на Кијив.
За време на командувањето на генералот Сергеј Суровикин, руската војска главно се префрли на одбранбен режим и почна да лансира ракетни и беспилотни напади врз енергетската мрежа на Украина. Руските сили се мачеа во континуираната офанзива за источниот дел на Украина. Со недели, линиите на фронтот беа главно статични.
Според аналитичарите, замената на Суровикин со Валери Герасимов, „апаратчик“ од Кремљ, покажа дека Владимир Путин, рускиот лидер, остана фокусиран на проектирање стабилност наместо на подобрување на воената перспектива.
Некои националистички воени блогери го споредија реконструкцијата со играта „музичко столче“ меѓу неефективната стара воена гарда на Москва.
„Тие земале некој компетентен и го замениле со некој кој е неспособен, но кој е таму долго време и кој покажал дека е лојален“, рече висок истражувач во корпорацијата RAND.
Подготви: Д. Мишев