Темата за кршење на работничките права и социјалната правда не се актуелни само на 1 мај, особено не во земја каде честа пракса е да се „скршне“ од патот до правдата. Иако минималната плата можеби се зголеми, или остана на оние 12.000 денари за сите, сепак, условите во кои живее голем дел од популацијата во државава, не покажува дека има социјална правда, еднаква за сите.
Во текот на 20-те години од своето постоење, ЦИВИЛ бележи безбројни случаи на социјална неправда и постојано гласно ги потсетува институциите на нивната одговорност за благосостојбата на граѓаните во една држава. Медиумската платформа ЦИВИЛ Медиа, од своите почетоци, објавува извештаи, информации, интервјуа и стории за кршењето на работничките права и за социјалните неправди во земјата.
Граѓаните најлесно се манипулираат и лажат за време на изборна кампања. По завршување на изборите тие се жалат дека за нив никој не се интересира. Таков е случајот со едно семејство од Пробиштип кое пред камерата на ЦИВИЛ сведочеше дека едвај преживуваат и дека политичарите се сеќаваат на нив само кога им требаат гласови.
Екипата на ЦИВИЛ Медиа ја посети и населбата Баир, во Битола, каде што нè пречекаа десетина граѓани, а најголемиот дел беа деца кои играа фудбал на валканите улици.
„Не ги пуштаме децата на училиште бидејќи останатите деца не сакаат да си играат со нив. Кој сака да си игра со валкано дете, вошки имаат… Вода грееме на шпорет на дрва и со кофи и чамче ги бањаме децата во полско ВЦ“, велат жителите на Баир.
Тие велат дека пред неколку години добиле водомери, но не им биле поставени, туку дадени на рака. Педесетина куќи немаат вода ниту за пиење, а со вода се снабдуваат од едно црево кое го нарекуваат чешма.
„Порано имавме неколку чешми, меѓутоа пред 4-5 години кога го асфалтираа патот ги скршија и оставија само црево (чешма) од каде што тече вода. Притисок имаме дури навечер и со хидрофор влечеме вода за да ги наполниме бурињата и кофите со вода. Тие што немаат хидрофор на раце носат по 20 до 50 литри вода со буриња“, додаваат жителите.
Хелсиншкиот комитет за човекови права неодамна презентираше две анализи посветени на состојбата со работничките права во земјава, кои ќе бидат искористени за лобирање и застапување при подготовка на новиот Закон за работни односи. Една од авторките на анализите, Мирјана Најчевска, посочи дека во регулативите на ЕУ, работничките права се третираат како составен дел на човековите права и дека основен проблем во земјава е дека работниците не ги уживаат гарантираните права. Во голем број случаи праксата не ги следи меѓународните стандарди, и во голем број случаи фактичката заштита не соодветствува на меѓународната регулатива и на национално законодавство. Според Најчевска, во основа, законската регулатива не е основниот и најголемиот проблем во Република Северна Македонија.
ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој за анализите вели дека веќе три години се бават со оваа проблематика, и имаат фокус на текстилната индустија.
„Генерално можам да кажам дека се соочуваме со неколку проблеми, акцентот го ставам повторно на текстилната индустија, има некакво подобрување во исплаќање на минимална плата, на поголемо почитување на работничките права, но сè уште треба да се работи посебно во однос на прекувремената работа и плаќањето за истата, во однос на давањето и користење на годишниот одмор…“, вели Јадровски за ЦИВИЛ Медиа.
Во партнерство со германската Фондација Хајнрих Бел, ЦИВИЛ работи на меѓусебно поврзаните теми и области на екологијата, социјалната правда и натинационализмот, за што постои и посебна веб страница, Зелен ЦИВИЛ. Само еден од многуте примери на соработките што ги воспостави организацијата со домашни и меѓународни организации, е и истражувањето за злоупотребите на социјалната правда во изборни цели.
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, постојано укажува на слабостите на системот и грдите практики и политики во доменот на социјалната правда. Кога се работи за социјалната заштита и установите што треба да се грижат и да ги штитат сите што се нашле во таа позиција, сведоци сме, не само на нефункционалност на институциите, туку и на прикривање и криминално дејствување, кои уништија човечки и детски животи.
Наместо силни синдикални организации и лидери, ние имаме расцепкани его-трипови кои наместо вистински да ги застапуваат правата на работниците тие се борат за сопствените позиции и „права“!
А. Петровска