Граѓанските иницијативи организатори на протестот против уставните судии, на 4 мај во 15 часот, покренаа онлајн петиција со чие потпишување се дава поддршка на повикот да се запрат злоупотребите и да се застане во одбрана на Уставот.
„Се работи за основно човеково право на здрава животна средина, право кое последниве години дел по дел го губиме. Секоја педа зеленило ја покрија со бетон, никнуваат згради како симболи на моќта на профитот над правото на обичниот граѓанин. Баравме парк наместо згради, ама немало законска можност – сами ја најдовме, поднесувајќи претставки за 4 ДУП-а на територија на Карпош. Се работи за огромен станбен комплекс по течението на реката Вардар, одземајќи го единственото струење на свеж воздух кое преостана на неколку илјади жители во Карпош“, објаснуваат организаторите за важноста уставните судии итно да се произнесат за спорните ДУП-ови во општина Карпош.
Тие додаваат дека нема да дозволат и нема да запрат затоа што како граѓани имаат право на темелното уставно начело на владеење на правото.
„Ние не запираме, секој ваш потпис е поддршка и дополнителен мотив и сила. Колку сме повеќе толку сме погласни за нашите права“ се вели во петицијата.
Б.Ј.