Православните христијани во земјава го прославуваат Бадник и Божиќ. Честитки до верниците упатија поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан, претставници на државните институции и партиите.
„Што е попотребно од мирот на земјата и од мирот во секој човек, од мирот во семејството, мирот меѓу народите и државите. Што повеќе им доликува на луѓето од тоа да живеат во мир и да покажуваат добра волја“, рече поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан во обраќањето по повод бадникарската церемонија во Соборниот храм.
„Семејните вредности, топлината и почитта нека се шират и пренесуваат меѓу сите граѓани. Да помислиме и да помогнеме на сите луѓе, и на оние кои во изминатиот период изгубија некој близок или се соочуваат со други тешкотии. Да ги отвориме срцата за добрини, разбирање и слога. Во мир, спокој, заедништво и надеж, да ја дочекаме веста за раѓањето на Исус Христос. Честит и вековит Бадник!“, напиша премиерот Заев во честитката на неговата официјална фејсбук-страница.
„Во овие мигови важно е да бидеме сплотени, со чесна мисла, и со добри дела, само така ќе имаме мир и спокој во душите, но и во рамките на нашите можности ќе го менуваме општеството на подобро. Нека Христос ви подари мир и спокој, да ве води низ животот и да биде вашата сила, за хармонија, развој вам и на вашите семејства“, пишува меѓу другото претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод празниците на неговата официјална Фејсбук страница.
Ц.Д