Предметите„Пуч“ и „Сопот“ кои претседателот Петар Аневски ги чуваше во фиока, денеска под притисок на членови на Советот на јавни обвинители, ќе се најдат на дневен ред.
Иако Специјалното јавно обвинителство неколку пати соопштуваше дека има докази за случајот „Сопот“, Советот на обвинители не се произнесе дали случајот ќе му биде препуштен на СЈО, или ќе се чека промена на околностите и правично застапување од Јавното обвинителство, по очекуваната смена на Марко Зврлевски.
За „Сопот” се осудени 11 жители на ова село, на вкупно 150 години затвор под обвинение дека поставиле мина од која загинаа двајца полски војници.
И случајот „Пуч“ беше ставен на чекање, откако јавниот обвинител Зврлевски со месеци ја криеше иницијативата, со која се бараше заштита на законитоста и поништување на спогодбата што ја склучи Обвинителството за гонење на организиран криминал со Звонко Костовски, еден од обвинетите во случајот.
Зврлевски не излезево јавноста со одговор зошто иницијативата за БЗЗ, иако изработена, не е процесуирана до Врховниот суд, ниту пак, зошто предметот не ѝ е доставен на Специјалната јавна обвинителка.
СЈО во јануари го повлече „Пуч“, со објаснување дека во истрагата за случајот „Тврдина“ дошле до докази кои се целосно спротивни на прикажаното во материјалите за „Пуч“.