Министерот за здравство Венко Филипче, пред започнувањето на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ, изјави дека капитацијата на матичните лекари ќе се зголеми од 1 ноември со што значајно ќе им се излезе во пресрет за да ги надминат пред сè финансиските проблеми кои во секојдневниот начин на работење им создаваат проблеми во пристапот што го обезбедуваат за пациентите и квалитетот на здравствена заштита.
Во однос на тоа колку ќе се зголеми капитацијата на матичните лекари, Филипче рече дека точните калкулации ќе ги имаат во следните неколку месеци.
„Зголемувањето ќе биде значајно во смисла на тоа проблемите со кои тие се соочуваат многу полесно да ги надминат пред се во обезбедување средно медицински кадар за кој и сега одделуваат одредена сума пари, за да ја платат како дел од задолжителниот тим пропишан со законот“, рече Филипче.
За одливот на кадри, Филипче изјави дека продолжуваат со нивните политики за инвестирање во човечкиот капитал после зголемувањето на платите и дежурствата на здравствените работници минатата и оваа година
„Во овој момент се прават пресметки за тоа колкава сума на пари од централниот буџет треба да се одобри и да се зголемат дополнително платите на лекарите специјалисти, со цел согласно нашите ветувања следната година да стигнат до 100 илјади денари“, истакна Филипче.
„Не ги забораваме и медицински сестри и средниот персонал кој е составен дел во работата на сите јавни здравствени институции за зголемување и на нивните примања“, додаде Филипче.
А.П.