Предлог-законот за за остварување на јавниот интерес во културата на Министерството за култура, што беше објавен во петокот на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) предвидува укинување на надоместоците за пензиите на доајените на културата како и титулата амбасадор на културата, пишува СДК.
Според предлогот, надоместокот кој е во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година и е околу 7.000 денари, ќе продолжи да се исплаќа само на оние што веќе го оствариле тоа право.
Меѓу 72. доајени и уметници кои во изминативе години добија национална пензија се Милица Стојанова, Сабина Ајрула Тозија, Благој Чоревски, Михаил Ренџов, Веле Смилевски, Раде Силјан, Рамадан Шукри, Мајда Тушар, Васил Тоциновски, Халил Зендели, Санде Стојчевски. Надоместок користеа и имиња како Вања Лазарова, Владимир Георгиевски и Љупка Џундева, кои починаа изминативе години.
Предлог-законот, како што велат од кабинетот на министерот Хусни Исмали, го подготви работна група формирана во април 2018 со решение на тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, а во неа биле вклучени претставници на синдикатите, на Министерството за информатичко општество и администрација, на националните институции и на граѓанскиот сектор.
Според Предлог-законот, на уметниците и стручните работници од областа на заштитата на културното наследство кои до денот на влегувањето во сила на овој закон го оствариле правото на месечен паричен надоместок во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година, за тековната година по денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжи да им се исплаќа месечениот паричен надоместок согласно со член 11-б од Законот за култура.
Од кабинетот на Исмаили велат дека досега беа назначени вкупно 9 амбасадори на културата, известува СДК. Тие освен титула, не добиваат никаков надомест.
„Во моментов нашата земја има 7 амбасадори на културата и тоа: истакнатите и меѓународно афирмирани и признати режисери Милчо Манчевски кој работи и твори во САД, Иво Трајков во Чешка, театарскиот режисер Иван Поповски во Руската Федерација, потоа професорката по пијано Снежана Пановска во Малезија, тенорот Благој Нацоски кој живее и твори во Италија, естрадниот уметник Зафир Хаџиманов во Србија, естрадниот уметник Владо Јаневски во Хрватска. Амбасадори на културата до крајот на нивниот живот беа и македонскиот театарски драматург Горан Стефановски во Велика Британија и пијанистката Елена Мисиркова во Австрија“, велат од Министерството.