ВЕСТ НА ДЕНОТ Усвоен предлог-законот за заштита од дискриминација, ќе се гласа во Собрание
На вчерашната седница, Владата повторно го разгледа и усвои Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, кој ќе биде испратен до Собранието на РСМ на усвојување. Со ова се отвора нова можност законот да биде изгласан, откако во мај годинава со одлука на Уставниот суд беше укинат, согласно со член 75 став 3 од Уставот.
„Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанската комисија, од Обединетите нации, од Европската Унија и од ОБСЕ-ОДИХР, кои оценуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди за човекови права“ велат од Владата.
Со овој закон се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Пред да се одржат парламентарните избори во јули, девет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно бројат повеќе од 100 здруженија ги повикаа политичките партии кои учествуваат во изборите да ја поддржат декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав. Седумнаесет политички партии ја потпишаа Декларацијата за приоритетно донесување на Законот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Маричиќ: Парадоксално е оваа структура на ДПМНЕ да бара правда со куп судски процеси
Оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ покажа на дело дека за правда не е заинтересирана. Три години господинот Мицкоски имаше подадена рака за многу законски проекти за реформа на правосудството, вели новиот министер за правда, Бојан Маричиќ за Дојче Веле.
-Впрочем, парадоксално е оваа структура на ДПМНЕ да бара правда со куп судски процеси. За повиците за правда, имам впечаток дека тропаат на отворена врата: имаше три години господинот Мицкоски подадена рака за многу законски проекти за реформа на правосудството и за донесување правда. Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ состави преговарачки тим кој во голема мера содржеше лица со обвиненија, или под истрага на обвинителството, или нивни адвокати, токму со цел да ја спречат правдата и да ги прикријат злоделата од режимот на Груевски. Колкумина од оние што протестираа сѐ уште се обвинети или осудени за корупција? Дали видовме едно дело или збор со кое Мицкоски се огради или дистанцираше од практиките на заробената држава или само верно ги продолжи?, прашува министерот за правда.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ најостро го осудува нападот на новинарската екипа на Ал Џезира
ЦИВИЛ најостро го осудува нападот на новинарската екипа на медиумската платформа Ал Џезира и бара од надлежните институции да го санкционираат напаѓачот соодветно на законот. Воедно, ЦИВИЛ апелира до јавноста да го отфрли и осуди ваквото однесување на поединци и групи кон медиумите, но и пошироко, кон неистомислениците. Насилството не е решение за надминување на разликите, тоа може само да ги продлабочи и да предизвика далекусежни штети за општеството.
Овој немил инцидент уште еднаш покажува дека говорот на омразата кој го шират организирани ултранационалистички групи и високи претставници на одделни политички партии може да доведе до насилство и дела од омраза. ЦИВИЛ ја повикува јавноста да ги отфрлат и осудат црната пропаганда, говорот на омразата и потпалувачкиот говор на одделни политичари.
ЦИВИЛ ја користи оваа прилика да апелира до релевантните институции да подготват и усвојат законска регулатива со која нападот на претставниците на медиумите ќе се третира како напад на службено лице.
ЦИВИЛ ја изразува својата поддршка и солидарност со новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Анѓелковиќ од Ал Џезира и им честита за професионалноста и смиреноста, но и за храброста што ги покажаа во овој случај.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Собрание – Постигнат договор помеѓу парламентарните партии за распределба на комисиите во Собранието
Утре ќе заседава Собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата со која претседава пратеникот Костадин Костадинов, од СДСМ и на која на дневен ред ќе биде составот на парламентарните комисии.
Пратениците од СДСМ ќе претседаваат со осум собраниски комисии, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така со осум, ДУИ со три вклучувајќи ја и Комисијата за уставни прашања, со која претседава претседателот на Собранието, пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе претседаваат со две комисии, а Беса со една.
Правда -Рускоска ги тужи ВМРО-ДПМНЕ и бара отштета од 10 илјади евра, ќе ги донира за СОС Детско село
Образование – 36 училишта, од кои 15 се средни и 21 основно, досега поднеле барања за дозвола да организираат настава со физичко присуство. Денеска истекува докот за доставување на барањата, кои ги разгледува владина комисија, по што ќе даде конечна оценка дали можат да огранизираат настава со физичко присуство согласно здравствените протоколи за фунционирање во време на КОВИД-19 пандемија.
Меѓусоседски односи – Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, ако мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прањања, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
МВР– Напаѓачот на новинарската екипа на Ал Џазира приведен, ќе следува соодветен поднесок.
СЛОБОДНА ЗОНА
Петрит Сарачини со анализа на примери на оркестрирано ширење дезинформации и лажни вести преку мрежи на портали
Во текот на предизборието имаше зголемен наплив на дезинформации. Очекувано, поголем дел од нив беа поврзани со пандемијата на вирусот Ковид-19, но дел од нив беа поврзани со изборниот процес и политичките актери. За ова истражување, ќе издвоиме неколку карактеристични случаи што ги детектираше мониторинг тимот на ЦИВИЛ, но и други организации од земјата кои работат на откривање на лажни вести и дезинформации.