ВЕСТ НА ДЕНОТ: Гир: Регулативата на ЕУ, што ќе стапи во август, забранува споделување верска и етничка припадност
Евроамбасадорот Дејвид Гир, во однос на тоа дали законот за лични карти и наведувањето на етничка определба е согласно европската регулатива, рече дека главната ЕУ регулатива кога станува збор за ова прашање е општата регулатива за заштита на лични податоци, што го забранува споделувањето на лични податоци како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност.
-Во Европската Унија, личните карти во моментов се се уште регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, што ги содржи првите правила кои се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи на сила во август 2021, рече Гир на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши по повод претседавањето на земјава со ЦЕФТА.
Евроамбасадорот додаде дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја храбрела Северна Македонија да постигне напредок на ова поле затоа што, посочи, ова е едно од првите работи што би се оценувале при почетокот на приговорите.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ- Ќе ослободиме уште еден дел од јавните површини кои беа окупирани од „Скопје 2014“
ШИЛЕГОВ: „ Овој проект е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Тука предвидуваме целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска, заедно со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, го поздрави стартот на работите на реконструкцијата на делот на кејот „13 Ноември“ покрај реката Вардар, од мостот „Слобода“ кај „Холидеј Ин“ до Камениот мост. Шилегов додаде дека целосно ќе биде спречено нелегалното паркирање на овој простор дополнително со сериозно ограничување на протокот на возила кои ќе можат да ја користат сервисната улица само во строго определено време
ФЛЕШ ВЕСТИ
АРМ– Шестчлениот македонски воено хируршки тим кој во Норвешка се подготвуваше за мисија во Авганистан, заминува во Кабул вакциниран против КОВИД-19.
Економија-Република Северна Македонија годинава го презема претседавањето со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).
Свет– Соединетите Американски Држави од денеска и официјално се повторно дел од Парискиот климатски договор.
Технологии – По 7 месеци патување од Земјината топка, научниот ровер „Персеверенс“ вчера вечер успешно слета на планетата Марс.
Интеграции– Потпишан меморандум за соработка помеѓу Северна Македонија и НАТО како одговор на сајбер нападите.
Политика– Владата го одобри Анексот за Договорот за набавка на вакцини од СЗО за итни случаи преку КОВАКС механизмот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„И, сега? Јакиве доктори од левата и десната рака на мвро-вмро, десет-нула-нула и девет-шееседен, на кои им пропаднаа лагите дека се бришат Македонците и сите други финти со кои лажеа народ дур се менуваше Уставот (со гајба и два човека на протести), ни прават претстава и демек се „тепаат“ кој е попаметен и попатриот ?!“ пишува Петрит Сарачини во денешната колумна „ Патриотски величини “.
Ирена Крџиќ