ВЕСТ НА ДЕНОТ: Собранието го донесе Законот за решавање на спорот за „ГА-МА“ и одлуката за ДИК
Собранието денеска попладне ги одржа 29-та седница, како и продолженијата на 19-та и 20-та седница, на кои беа изгласани Законот за решавање на спорот за „ГА-МА“, Законот за инвалидски организации, како и одлуката за огласување на избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.
Предлог Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, беше повлечен.
Пратениците во продолжението на 20-тата седница денеска со 60 гласа „за“, 30 „против“ и без „воздржани“ го донесоа Закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба.
Собранието на 29-та седница со 85 гласа „за“, без ниту еден глас против и воздржани ја увсои и одлуката за огласување на избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Заев: Правиме напори предлогот на опозицијата за пописот да биде прифатен
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се прават напори предлозите на опозицијата што се однесуваат на Законот за попис да бидат прифатени, посочувајќи дека опозициските партии во овој процес биле вклучени повеќе од една година и половина.
– Цела оваа година и половина од кога разговараме за пописот, опозицијата е вклучена. Имаше работни групи, и од власта и од опозицијата, директорот на Државниот завод за статистика одржа неколку состаноци, рече Заев, кој денеска во Тетово присуствуваше на отворање на новите простории на Државниот пазарен инспекторат.
Тој појасни дека има три категории попишување – едниот дел се вкупно граѓаните, вториот дел се граѓани резиденти односно сите граѓани што живеат во земјата и третата група се граѓани кои се иселени на подолг период од една година. Тоа, според него, ја прави беспредметна и ирационална дебатата за етничка припадност или колкави се процентите и слично.
– Опозицијата даде нов предлог да користиме отпечаток од прст. Јас не знам како ќе го користат отпечатокот граѓаните што се иселени по една година. Правиме напори. Министерот за правда веднаш стапи во контакт со донатори да видиме дали може да обезбедиме донации, имаме амбасади кои располагаат со преку 20 милиони евра поддршка за изборите во државата, па замолуваме да одвојат пет милиони евра, па да купиме пет илјади отпечатоци кои ги користиме за изборите ама еве ќе помогнат и за пописот, изјави Заев.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Кондев: Книгата „Протест(и)“ е издадена за да не се заборави автентичноста на протестите
Анкета: Да заврши короната и да влеземе во ЕУ во 2021 година
СКЕН – Перспективите на младите
Брегу: Внатрешните политики на Албанија се пречка за членство на земјата во ЕУ
ФЛЕШ ВЕСТИ
Еднократната финансиска помош од 6.000 денари, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е исплатена на над 90 отсто од корисниците. За останатите да може да се исплати финансиската поддршка потребно е да се направат законски измени со нови подолги рокови.
Германија тврдеше дека проширувањето на ЕУ, а особено официјалниот старт на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, се важен приоритет за нејзиното претседавање со ЕУ, но сепак доби непријатно изненадување од Бугарија, која стави вето на пристапните разговори со Скопје, поради спорот околу јазикот, историјата и наследството, наведува „Брисел Тајмс“.
Основците и средношколците од четврток, 31 декември, ќе бидат на зимски распуст кој ќе трае до 20 јануари, а на 21 јануари ќе ја продолжат наставата од второто полугодие на учебната 2020/2021 година.
Граѓаните ќе можат на бесплатна телефонска линија да пријават недозволени забави и собирања на повеќе од четири лица. МВР почнува со проектот за бесплатна телефонска линија и тоа неспоредно пред новогодишните празници, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостувањето во Утрински брифинг на Слободна ТВ.
Владата на Северна Македонија го поздрави денешното усвојување на пакетот од 70 милиони евра во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) за финансирање на пристапот на земјите од Западниот Балкан со вакцини против КОВИД-19, набавени од земји членки на ЕУ од страна на Европската комисија.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Можно ли е власта со денови само да смислува операции за исчезнување на Македонија, а – благодарејќи на решителноста и храброста на патриотската опозиција – ништо до сега да не ѝ вроди со плод? Толку неспособна власт Македонија немала од 1945 година наваму! И, обратно, толку успешна опозиција Македонија немала од 1903 година наваму!“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Во Бункерот на опозицијата“.
„Буџетот на една држава е точка каде се судираат планирањето, извршувањето и намерите на една влада. Она што таа ќе го одреди како приоритет е показател како треба да ја оценуваат граѓаните. Како на огледало можат да видат колку таа води сметка за нив, за државата како субјект и одржливоста на заедницата во иднина – Пол Кругман, професор и Нобеловец. Кон крајот на секоја година се сведуваат сметките за неа. Се претставуваат плановите за идната. Најважен документ што органите на една држава го донесуваат е буџетот – план за приходите и расходите во државната каса“, пишува Војо Маневски во колумната „Бркни си, земи си, а ставање?“.