ВЕСТ НА ДЕНОТ: Мајките на протест, Владата со образложение за враќање на работа почнувајќи од 23 септември
Мајките на децата до шест години денеска ќе протестираат со почеток во 17:30 пред Влада, иако министерот за здравство Венко Филипче вели дека со вирусот ќе живееме и во 2021 година што значи дека мора да се навикнеме на ваквиот начин на живот почитувајќи ги мерките за заштита.Владата по реакциите излезе со образложение за својата одлука родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември 2020 година, е донесена по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.
„Владата им препорача на Општините како основачи на градинките, во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, да обезбедат соодветно решение. Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна“, соопштуваат од Влада.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Османи: Одржувањето на првата меѓувладина конференција е договорена работа
„Сметам дека меѓувладината конфренција не е посебна одлука од онаа донесена во март, повеќе ја интерпертирам како операционализација на донесената одлука. Советот постигна консензус во март вклучувајќи ја и Бугарија, таа даде унилатерална забелешка, но ја одобри одлуката за почнување преговори, чиј дел е одржување на меѓувладината конференција. Не треба да се наметне негативна динамика на притсоци. Сега е време да се воспостави добра интензивна комуникација на политичко ниво, но и во Комисијата“, изјави Бујар Османи, министерот за надворешни работи, одговарајќи на новинарски прашања за меѓувладината конференција, со која се означува и стартот на преговори со Европската Унија, предвидена за декември, а ја поддржа и Бугарија.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ: Зелениот караван на ЦИВИЛ продолжува во Велес
ЦИВИЛ го продолжува Зелениот караван. На 19 септември 2020 година, (сабота), со почеток во 11 часот ќе одржи работилница „Зелените доаѓаат“ во Општина Велес, на која ќе се дискутира за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот кои се основа на долгогодишните заложби на организацијата.
На работилницата ќе учествува градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, претставници на општинскиот совет и институциите, организациите на граѓанското општество, зелените иницијативи, политичките партии, медиумите и активистите во соодветните тематски области. На работилницата се предвидува учество од максимум 20 лица, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19.
Паралелно со работилницата, тимот на ЦИВИЛ ќе има и средби со граѓанките и граѓаните во Велес, како и во други општини на Вардарскиот регион.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Собранието ја усвои потребата за донесување на измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка.
Миле Јанакиески за „Насилство во Центар“: Секој ден сум во суд, немам време за завршни зборови!
ЗНМ: Бараме од ОЈО со внимателност да пристапи кон понатамошната истрага со цел да не се создаде впечаток во јавноста дека истрагата е селективна само кон една политичка партија зошто во регистарот на ДИК имаше пријавено 235 онлајн медиуми со различни уредувачки политики.
Битиќи – Брнз: САД се стратешки партнер на Северна Македонија, ќе продолжи соработката на политиките кои ќе донесат развој и подобар живот за граѓаните.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска упати повик за вклучување на градежни и сообраќајни инженери, правници и архитекти, професори и експерти од секоја област во поставување систем на оперативата за силни капитални инвестиции.
ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш на протест за поскапувањето на струјата во 18 часот.
СЛОБОДНА ЗОНА
Рафал на Џабир Дерала „Мицкоски тоне во заборав“: Хидро Мицкоски и неговата професорска свита и политички пиони се во далеку зад аут линијата. Каква порака му праќа „Конрад Аденауер“ на Мицкоски со состав на панелисти меѓу кои не е ниту тој, ниту неговите верни следбеници? Да се потсетиме на „славниот“ Мицкоски, пред да го проголта живиот песок на неговата погубна политика…
„На некои што молчеа на омразата и фашизмот вчера, тој им тропна на врата денес. Сто стапа по туѓ грб не болат, ама по свој боли. Денес верувам, некои гаталци станаа паталци, и се освестија“, вели Петрит Сарачини во „Ако му молчите на фашизмот, сите ќе дојдете на ред!“
Поенти на Џевдет Хајредини: Продажбата на државното земјиште кај ШИК „ЈЕЛАК“ во Тетово е школски пример за корупција.
Б. Јордановска