ВЕСТ НА ДЕНОТ: Обвинителите ќе се оценуваат врз основа на шестмесечен извештај со увид во шест предмети, а судиите врз увид во 10 предмети
Враќањето на довербата во правната држава може да се случи само преку ефикасно судство и јавно обвинителство. Европската Комисија како резултат на спроведувањето на стратегијата за реформа во правосудството со што се адресираат и препораките од итните реформски приоритети, Извештајот на Прибе и на Венецијанската комисија нотира добар напредок во правосудството во нашата земја.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за правда Бојан Маричиќ, кој заедно со јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев ја презентираа Методологијата за проверка на работата на правосудството.
-Сепак, во извештајот се наведено дека е потребно случаите за висока корупција и организиран криминал, вклучително и оние кои ги отвори поранешното СЈО да бидат затворени, односно да има правосилни пресуди. Изминатиот период бевме сведоци дека некои од овие предмети, но и други често се одлагаа, некои од нив застаруваа, а за некои целиот процес се одвиваше едноставно многу бавно. Токму затоа ЕК препорачува дека во фокусот за следниот период треба да се продолжи со конзистентно спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и ажурираниот Акциски план на инклузивен начин, имплементација на правната рамка од клучните чинители со што ќе се придонесе за подобрување на довербата во правосудниот систем, нагласи Маричиќ.
Министерот потсети дека пред неколку недели Судскиот совет како надлежна институција донел неколку клучни документи со кои ќе биде спроведена динамична проверка на работата на судиите и ќе придонесе кон зајакнување на транспарентноста, одговорноста и етиката во фелата. Правилник за оценување донеле и од Јавното обвинителство, што според Маричиќ е темел за зајакната одговорност согласно Законот за јавно обвинителство.
-Овој процес како Влада и како Министерство ни е од исклучително значење и веруваме дека истиот ќе придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем која долго време беше на ниско ниво. Ние не сакаме на кој било начин да правиме притисок или какво било влијание врз судството и обвинителството, но должни сме да се грижиме и будно да го следиме процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од какви било притисоци ослободен правосуден систем. Тоа им го должиме на граѓаните, порача Маричиќ.
Јавниот обвинител Љубомир Јовевски појасни дека во Правилникот за оценување на работата на јавните обвинители се доизработени законските основи и дека при проверка на работа на обвинителите за критериуми ќе се ценат стручност и квалитет во одлуките, правните лекови и други писмена, ажурност и ефикасност во постапување на јавниот обвинител, непристрасност и совесност,…
-Како и во рамките на судовите, оценувањето на јавните обвинители се врши на четири години и овој нов циклус на оценување ќе започне од 1 јануари следната година. Меѓутоа, обвинителите ќе се оценуваат врз основа на шестмесечни извештаи во кои ќе бидат разгледувани шест предмети, од кои три ќе ги посочи јавниот обвинител, додека другите предмети ќе се изберат по случаен избор појаснува Јовески.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Филипче: Нема цена што Владата не може да ја плати за вакцината против Ковид-19
Министерот за здравство Венко Филипче ќе ја дочека новата година во домашни услови во кругот на семејството. Тој денеска во изјава за медиумите апелираше и до граѓаните да бидат совесни, да не се групираат и да ги почитуваат препораките за време на претстојните празници.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ:
Баута Шаќири: Треба да живееме во европски дух, обединети во различностите
Петрит Сарачини: Национализмот не враќа во минатото, време е да се обединиме за иднината
Несрин Таир: На крајот ќе мора да се обединиме во различностите за да одиме напред
Џабир Дерала: Обединети во различноста, од денеска, од сега!
ФЛЕШ ВЕСТИ
Премиерот Зоран Заев од собраниската седница истакна дека чекува од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик, а опозицијата да не печали лични поени на штета на европската иднина. Заев до Мизрахи потенцираше дека може да биде 10 пати поголем квази патриот од нејзе, но граѓаните заслужуваат европска иднина.
Антикорупциската комисија ќе покрене иницијатива пред Јавното обвинителство за поведување постапка за политичка партија за незаконско финансирање за време на изборната кампања на предвремените парламентарни избори.
Не стивнуваат реакциите од научно-наставната фела после заклучоците донесени од Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Скопје, а во врска со Нацрт верзија на Концепцијата за основно образование, претставена од Министерството за образование. Елена Џукеска од Институтот за класични студии на Филозовскиот факултет, не се согласува со донесените заклучоци и затоа гласала против.
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн денес предаде донација вредна 16 илјади евра во Поликлиниката во Шуто Оризари. Станува збор за медицински материјал, кој е донација од Амбасадата на СР Германија преку Здружението на граѓани Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп.
Над 1 милијарда и 100 илјади евра се за граѓаните, за 2020 и 2021 година, рече премиерот Заев и додаде дека се вратени и сите доспеани обврски на државата.
Попис ќе има во април догодина зашто е неопходен за развојот на државата, велат од владејачкото мнозинство и порачуваат дека тоа е статистичка операција што не треба да се политизира и да зависи од волјата на политичките партии и лидери. Опозицијата, пак, изразува сомнежи во предложениот закон за попис, интервенира со амадмани и смета дека е подобро да се пролонгира за еден месец за тој да биде кредибилен.
СЛОБОДНА ЗОНА
Џабир Дерала во колумната „Среќна нова надеж“ пишува: „Во вакви (празнични) денови, треба да кажеме и збор-два за сите шанси што ги пропуштивме да бидеме подобри луѓе, да покажеме повеќе солидарност и разбирање за другите, да бидеме помудри и да го најдеме своето место под сонцето (или облаците). Тоа е првиот чекор кон избегнување на нови неуспеси од ненаучени лекции. Наместо „можеше и полошо“, токму во вакви денови, новогодишни или за време на Божиќ, Велигден, Бајрам или Јом Кипур, треба да фрлиме и лут или барем подозрив поглед зад себе, да ги погледнеме нашите сопствени грешки. Не мора да опцуеме, тоа нека го направат простаците како некои хистерични професорчиња и пратеници во парламентот, но можеме да кажеме „можеше и подобро, многу подобро“. И да повлечеме линија“.
Д. Муратов