ВЕСТ НА ДЕНОТ Пратениците се договорија околу законите од петтиот пакет антикризни мерки и продолжија со пратенички прашања
Пратениците попладнево, откако го усвоија дневниот ред на 36. седница, по предлог на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се договорија да ги повлечат сите точки и да расправаат само за трите закони од петтиот пакет антикризни мерки, како и за Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија.
Претседателот на Собранието Талат Џафери образложи дека поради тоа што Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од корона кризата заради исплата на платите за февруари и март 2021 година, Предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19 за месеците февруари и март 2021 година и Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на личен доход, се во скратена постапка, согласно Деловникот не може да се отвори расправа по нив ако не заврши расправата на комисиите.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Николовски до Велјановски: Заврши времето кога имаше еден судија, еден обвинител, правдата е тука
„Заврши времето кога во државата имаше еден судија, еден обвинител, еден адвокат, еден извршител, кога целата моќ беше на едно место, сега секоја институција постапува согласно своите надлежности и овластувања“ – рече вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот Николовски посочи, дека ВМРО ДПМНЕ во отуство на идеи, секојдневно лиферува лаги, невистини и конструкции.
„Затоа секој ден ги гледаме овие лаги со прашалници без храброст да се излезе и да се тврди нешто. Но, граѓаните тоа го гледаат и граѓаните на 15 јули испорачаа казна за тоа што постојано и денес и во претходниот период ги блокирате сите процеси во државата, заради тоа што нема понуда за ниту еден проблем, затоа што не нудите решение на граѓаните. Помина и времето кога институциите не смееја да помислат да им ги споменат имињата на некои функционери, министри или блиски на власта, а не да влегуваат и да бараат документи, како што тоа денес се случува во рамки на сите институции“ – изјави вицепремиерот Николовски.
ЛАЖНИ ВЕСТИ
Отворени за клевети, затворени за пописот – Како дел од кампањата „Не отворам врата“ отворена е и Фејсбук страница со истото име, наменета за повик на бојкотот на пописот. Тоа е место и за споделување на вулгарни и клеветнички коментари и пораки, место за ширење лажни вести, дезинформации, теории на заговорот и експлицитен говор на омразата.
Таков пример е и манипулативната објава за граѓанското здружение НВО Инфоцентар, но се поврзува и со медиумската платформа на ЦИВИЛ… Овој пост го споделува партиската функционерка и портпаролка Јована Мојсовска од Левица, со коментарот: „Штом Цивил се умешал – веднаш знаеш дека е на штета на државата“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОБРАЗОВАНИЕ „За Владата и за МОН обезбедувањето целосно инклузивно образование е врвен приоритет. Наша цел е секое дете да има пристап до сите нивоа на образование на еднаква основа со другите ученици, преку создавање услови и можности овие ученици да го реализираат својот потенцијал и понатаму да се вклучат на пазарот на трудот и во општеството. Услугата ќе се финансира од државниот буџет, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари“, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска по повод Денот за јакнење на јавната свест за церебралната парализа, 25 Март.
СОЦИЈАЛА Министерството за труд и социјална политика вложи 5,3 милиони денари во Дневниот центар за лица со попреченост во Топанско поле
ПРАВДА Основниот суд Скопје 2 ѝ наложи на државата да им обезбеди образование на децата во воспитно-поправниот дом „Тетово“, од почетокот на учебната 2021/2022 година со првостепена пресуда дека ускратеното право на образование на овие деца претставува индиректна дискриминација врз нив и врз основа на нивната етничка припадност и врз основа на нивниот статус како малолетни престапници.
ПОПИС Попишани 350 бездомни лица сместени во објектите во Визбегово и Чичино Село, додека 143.755 граѓани ја искористиле можноста да се регистрираат во електронската апликација за самопопишување на граѓаните во странство
РЕАКЦИЈА Во насока на точно информирање на јавноста истакнуваме дека не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персоналниот данок, соопшти Министерството за финансии, по синоќешната изјава на министерот за финансии Фатмир Бесими на Алсат-М.
МЛАДИ Анализа за позицијата на младите на парламентарните избори 2020: Младите заслужуваат поголем простор во политиката
ОЗБИЛНО (ХУМОР И САТИРА)
„По претресот по налог на Јавното обвинителство во стан4ето во Скопје на поранешниот премиер Никола Груевски, биле пронајдени и одземени 4 пиштоли, но и боксерски вреќи, во рамки на истрагата за случајот „Плацевите на Водно“, велат извори блиски на истрагата. Несудениот боксер, поранешниот премиер Никола Груевски во ексклузивна изјава за нашиот медиум вели дека една од целите на упадот и хајката на репресивните органи на власта во неговото живеалиште во Скопје била и дефокусирање на јавноста“ – пишува Роки во ексклузивната колумна за ЦИВИЛ МЕДИА, под наслов И боксерски вреќи пронајдени во стан4ето на Груевски.
СЛОБОДНА ЗОНА: Орданоски за опозициската демагогија, Сарачини со сеќавања за „Рок за мир“
„И уште малку дополнително: за надминување на состојбите на поделености и блокади, актуелниот премиер (вешто-невешто, тоа е друго прашање) ѝ нуди на опозицијата создавање на „обединувачка влада“ (дури се нуди, под одредени услови, и самиот да отстапи од премиерската функција), за што опозицијата, in flagranti затечена во сопствената демагогија и неснаоѓање, инстантно одбива дури и да разговара за таквата можност и бара – „Избори веднаш!“… Во услови на пандемија и голем здравствен ризик, како што тврди самата, за спроведување попис.
Тоа е рингишпилот на демагогијата на кој се врти опозицијата години наназад, чијашто единствена платформа за делување е да ги отежне состојбите во државата до максимум, бидејќи смета дека колку што се состојбите полоши, толку ѝ се шансите поголеми за „вонредно“ да се врати на власт“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна Рингишпил на евтината демагогија
„2001, 24 март. На денешен ден пред 20 години. Цела Македонија е под психоза и страв, секојдневни се вестите за инциденти, пукање, се заострува медиумската реторика и поделбите, земјата е на раб на меѓуетничка војна. А во Скопје, преполн МКЦ и жесток концерт „Рок за мир“. Преполна не само концертната сала, туку уште неколку илјади луѓе во холот и дворот, сè до кејот на Вардар…“, сеќавања на Петрит Сарачини по повод 20 години од „Рок за мир“, сè уште важат истите идеали!
Б. Јордановска